Фото: Игор Бансколиев

Без разлика на малите падови во играта, ние имавме целосна контрола на мечот и заслужено го победивме Монпелје. Некои не очекуваа да завршиме на третата позиција, оти си заминаа неколку звучни имиња од нашиот клуб, а не беа ангажирани нови со слично реноме. Сите сметаа дека не сме на нивото од лани, но покажавме дека ова е колективен спорт. Можевме да бидеме и втори, ако не загубевме од Веспрем дома. Сепак, прво треба да го одработиме осминафиналето, а потоа ќе размислуваме за она што ни претстои – смета капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Вардар во осминафиналето од Лигата на шампионите (ЛШ) ќе игра против хрватски Загреб или украински Мотор, сѐ зависеше од конечниот расплет во групата Б, натпревари што се играа синоќа. Но било да е едниот или другиот, Вардар ќе биде фаворит на понатамошниот пат кон Келн.

Во последното 14-то коло во групната фаза во групата А, црвено-црните во Скопје вторпат годинава го совладаа актуелниот европски првак, француски Монпелје (а вкупно петти пат во ЛШ), овој пат со 33-27, и со тоа го елиминираа од понатамошниот настап (што е и најголемо изненадување во ЛШ, со 10 порази од 14 меча), што на крајот беше доволно скопјани со вкупно 19 бода да завршат на 3-то место во групата А, зад Барселона и Веспрем. Директен пласман во четврт-финалето како првопласирани во своите групи обезбедија Барселона и ПСЖ.