Киелце има одлични играчи, а сезонава игра многу брз ракомет, со добра одбрана. За нас е најважно да ги одиграме добро сите 60 минути. Ако го направиме тоа, ќе имаме големи шанси за победа, а со тоа и да се искачиме на втората позиција во нашата група. Сметам дека никому не му треба посебна мотивација за овој дуел, вели вардаровиот тренер Роберто Парондо, во пресрет на денешниот меч (17.30 ч.) во салата „Јане Сандански“ во Скопје, против полскиот првак, во 10-то коло од групата А во Лигата на шампионите (ЛШ).

За европскиот првак од 2016 година и двапати трет во ЛШ, предводен од искусниот стратег Талант Душебаев, играат 12 интернационалци (четворица Шпанци, тројца Хрвати, по двајца Словенци и Белоруси и еден Србин). На првиот меч во Полска, црвено-црните загубија со 27-31, што беше прв пораз на скопјани сезонава во ЛШ. Меѓусебниот биланс во ЛШ засега е четири победи за Киелце, а две за Вардар.

Киелце е втор на табелата со 12 бода, еден повеќе од Вардар, а убедливо води Барселона со 16. Вардар, кој засега е со најдобра одбрана во групатa А, има пет победи (Монпелје, Кристијанстад, Веспрем, Левен, Мешков), еднаш ремизира (Mешков) и трипати загуби (Киелце и двапати од Барселона). Киелце има шест победи (Левен, Кристијанстад, Вардар, Монпелје и двапати Мешков) и три пораза (Веспрем и двапати од Барселона).