На дуелот во Скопје Карачиќ постигна 11 гола

Двете екипи досега трипати ги одмериле силите во ЛШ, резултатот е 2-1 за Вардар, а претходниот дуел во Скопје заврши со резултат 30-23 за вардарци

Македонскиот ракометен првак Вардар, денеска (15 ч.), без повредениот лев бек Вуко Борозан (поради операција на коленото ќе отсуствува два месеца), во спортската сала „Викторија“ во градот Брест, а во 9-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ), го очекува тешко гостување против 10-кратниот првак на Белорусија, Мешков. Од претходно отсуствуваат и Рожерио Фереира и Сергеј Горбок.
Двата клуба досега во ЛШ се сретнале трипати, а резултатот е 2-1 за скопјани. Претходниот пат тоа беше дуелот во Скопје пред три недели, кога црвено-црните славеа со 30-23. Но двата клуба добро се познаваат, оти во Регионалната лига (РЛ) дури 14 пати ги одмериле силите, од тоа Вардар забележал девет победи, трипати загубил, а два дуела завршиле нерешено. Притоа избраниците на Роберто Парондо постигнале 442 гола (во просек 29,46 по меч), а примиле 419 (27,93).

Предводен од искусниот шпански стратег Маноло Каденас, во тимот, кој добро игра по бековските и по страничните линии, играат девет интернационалци (тројца Хрвати, по двајца Срби и Словенци и по еден Чех и Русин), а предничат, левиот бек Александар Шкурински (сезонава 32 гола во ЛШ), десното крило Дарко Ѓукиќ (35), десните бекови Сергеј Шилович (15) и Шиме Ивиќ (27), централниот бек Сандро Обрановиќ (21)…
– Вардар е фаворит на хартија, но тоа не мора секогаш да биде пресудно. Mора да се приспособиме на нивната игра. Само со победа ќе имаме повеќе шанси за да се пласираме во следната фаза од ЛШ. Верувам во мојот тим, очекувам поддршката од навивачите и да ја прекинеме оваа серија порази – вели Каденас.

Во првиот меч во Скопје, каде што победникот беше решен во вториот дел (по првото полувреме беше 14-14), најефикасни кај Мешков беа рускиот лев бек Александер Шкурински со пет и пикерот Вјачеслав Шумак со четири гола. Кај вардарци најмногу голови постигна средниот бек Игор Карачиќ, 11, а крилата Тимур Дибиров и Иван Чупиќ по шест пати ја затресоа мрежата.

За разлика од Вардар, кој досега забележа пет победи (над Монпелје, Кристијанстад, Веспрем, Левен и над Мешков) и три порази (од Киелце и двапати од Барселона) и е на петтото место со 10 бода, Мешков моментно е шести со четири бода (победи над Кристијанстад и над Монпелје и шест порази, од Левен, Веспрем, Барселона, Вардар и двапати од Киелце).