Ракометарите на европскиот и македонски првак Вардар синоќа заминаа за Дамам, Саудиска Арабија, каде што вторпат ќе бидат дел од неофицијалното клупско Светско првенство (СП), Суперглоуб, во организација на Светската ракометна федерација (ИХФ).

Покрај Вардар, дел од 13-то издание на Суперглоуб ќе бидат и Ал Вехда (С. Арабија), Барселона (актуелен победник), Заламек (Египет), Сиднеј (Австралија), Таубате (Бразил), Њујорк (САД), Ал Мудхар (С.Арабија) и Кил (Германија).
Вардарци утре (19 ч.) стартуваат од четврт-финалето и за прв противник ќе го имаат победникот од дуелот меѓу Ал Мудхар и Њујорк. Со оглед на тоа што „црвено-црните“ се фаворити во овој дуел, се очекува да се пласираат во полуфиналето, каде што би требало да се сретнат со Кил.

На овој турнир шпанскиот стратег на клупата на Вардар, Давид Писонеро, во составот ќе ги нема повредените Стојанче Стоилов и Хосе Толедо, како и повратникот во тимот Глеб Калараш.