РАКОМЕТ – ГЕРМАНИЈА

Секоја недела ни е важна, вели извршниот директор на Бундес-лигата, Франк Бомен
Присуство на публиката е нешто кон кое сите се стремат, дилемата е дали да почне во септември без публика или да се чека крајот на октомври кога ќе може да има барем ограничен број гледачи на мечевите во германската ракометна Бунде-лига.
– Секоја недела ни е важна – рече извршниот директор на Бундес-лигата, Франк Бомен, за германската Агенција за печат.
Владата забрани масовни собири до крајот на октомври. По неколкунеделно планирање, раководството на Бундес-лигата (ХБЛ) не успеа да договори прецизен датум на почнување на сезоната 2020/2021.

Во моменти кога речиси сите тимови во Бундес-лигата се соочуваат со финансиски проблеми поради прекинатите првенства со пандемијата на коронавирусот, главниот проблем на Бомен и на челниците на клубовите е наоѓање начин за излез од кризата. Челниците на германскиот шампион Кил предложиле сезоната да почне во јануари, но нивниот предлог бил неприфатлив за преостанатите.

– Јануари не е прифатлива опција, мораме да почнеме во септември, најдоцна во октомври – рече менаџерот на Фуксе Берлин, Боб Ханинг, а тренерот на Левен, Мартин Швалб додаде: „Итно ни требаат гледачи и спонзори во салите. Поради принудната пауза, сите претрпевме големи загуби“.
Продажбата на билети е еден од основните извори на финансии во клубовите, па челниците на ХБЛ ја разгледуваа можноста во почетокот на сезоната да биде дозволена употреба на 50 отсто од капацитетот на салите.