Марио Танкоски

Одигравме цврст и борбен натпревар. Жал ми е што не успеавме да стигнеме до победа. Лошата реализација и нереализираните пенали ни застанаа на патот до победата, изјави Брестовац, тренерот на Металург, по поразот од Бешикташ на гости со 22-23 во 8-то коло на ЛШ

Малку им недостигаше на ракометарите на Металург да го изненадат турскиот првак Бешикташ и во саботата да ја запишат втората победа сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ). За разлика од првиот меч во Скопје, кој Бешикташ го доби со 30-22, овој пат избраниците на тренерот Данило Брестовац му зададоа вистински проблем на турскиот состав. Тој до победата стигна благодарение на единствениот гол на македонскиот репрезентативец Немања Прибак, кој погоди за победа со 23-22. Металург го имаше последниот напад за изедначување, но не успеа да го најде патот до голот на Бешикташ.

Одличниот египетски голман Хендави (15 одбрани и пет пенали) беше најголемиот проблем за македонскиот вицепрвак. Но и покрај слабата реализација и петте нереализирани седмерци, Металург му беше рамноправен противник на искусниот тим на Бешикташ до самиот крај на мечот.

– Одигравме цврст и борбен натпревар. Жал ми е што не успеавме да стигнеме до победа, но среќен сум што овој пат во текот на целиот натпревар бевме во игра. Лошата реализација и нереализираните пенали ни застанаа на патот до победата. Но, сега најмногу ме загрижува повредата на нашиот капитен Мартин Велковски, за која сакам да верувам дека нема да биде сериозна и дека нема на подолг период да го оддели од теренот и од екипата – изјави Брестовац.

Во завршницата на мечот, Велковски при незгодно движење ја повреди тетивата на ногата. Во следните неколку дена по прегледите ќе се знае за каква повреда станува збор.

Најефикасни во редовите на Металург беа Марио Танкоски и Анте Токиќ со по пет гола, а по три гола додадоа Александер Шпенде, Гонзало Рибеиро и Бојан Маџовски. Во турскиот состав најпрецизен беше десниот бек Рамазан Доне со девет реализации.
Во следниот меч од ЛШ металурзите в сабота (17.30 часот) ќе го пречекаат лидерот во групата Ц, данскиот Силкеборг.