Фото: Игор Бансколиев

Селекторот на овој собир повика 23 репрезентативци, меѓу кои и значителен број млади ракометари, од кои неколкумина од кадетската селекција

Селекторот на машката сениорска ракометна репрезентација Данило Брестовац го објави списокот репрезентативци на кои ќе смета во четирите контролни натпревари, кои ќе се одиграат за време на неделата на ЕХФ (21-27 октомври). Овие мечеви се прва фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, кое ќе биде прво што ќе се игра во три држави, Австрија, Шведска и Норвешка, и на кое првпат ќе учествуваат 24 селекции.
Противници на македонските репрезентативци во овој подготвителен циклус ќе бидат Турција, Италија и Грузија. Мечевите со Турција и со Италија се на 22 и на 23 октомври во Есхишехир (Турција), а двата меча со Грузија се на 26 и на 27 октомври во Скопје.

Брестовац на овој собир повика 23 репрезентативци, меѓу кои и значителен број млади ракометари, од кои неколкумина од кадетската селекција на Македонија, која летово беше домаќин на светското првенство (СП) за играчи до 19 години.

На списокот на Брестовац се најдоа: ГОЛМАНИ: Борко Ристовски, Мартин Томовски и Марко Кизиќ. КРИЛА: Дејан Манасков, Димитар Димитриоски, Бојан Маџовски, Мартин Поповски и Ненад Костески. БЕКОВИ: Кирил Лазаров, Филип Талески, Филип Кузмановски, Дарко Димитриевски, Дејан Кукуловски, Михајло Младеновиќ, Марио Танкоски, Горан Крстевски, Марко Мишевски, Томислав Јагуриновски и Мартин Серафимов. ПИКЕРИ: Жарко Пешевски, Никола Марковски, Филип Арсеновски и Милан Лазаревски.

На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што носат пласман во следната фаза, ќе ги одмери силите со Чешка, Австрија и со Украина.