Добро ја анализиравме играта на Силкеборг и мислам дека имаме сили да им парираме. Сега имаме поголема ротација и можеме да покажеме уште подобра игра, изјави тренерот на Металург, пред мечот денеска со Силкеборг во 9-то коло на ЛШ

Искусниот дански вицепрвак Силкеборг ќе му биде противник на младиот тим на Металург во денешниот меч (17.30 часот) од 9-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ), на домашен терен во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Избраниците на тренерот Данило Брестовац се ослабени со отсуството на капитенот Мартин Велковски и ќе имаат тешка задача во обидот да направат изненадување и да ја забележат втората победа во ЛШ сезонава.

– Спроти себе ќе ја имаме најдобрата, најскапата и најискусната екипа во нашата група. Ако ја погледнеме пикерската позиција на која се искусните Јеспер Нодесбо и Михаел Кнудсен јасно е дека ова ќе биде натпревар од кој нашите играчи можат многу да научат. Се надевам дека ќе покажеме добра игра иако зад нас е тешка недела по повредата на Велковски и смртниот случај во семејството на Анте Токиќ. И покрај сѐ работиме на високо ниво и сметам дека сме на добар пат. Во изминатите три дена добро ја анализиравме играта на противникот и мислам дека имаме сили да им парираме. Таму добро се држевме до 40-та минута, но потоа почнаа да се случуваат смешни ситуации, но како и да е, сега имаме поголема ротација и мислам дека можеме да покажеме уште подобра игра. Очекувам добар натпревар и можам да ветам дека сите што ќе дојдат ќе уживаат во она што ќе го видат – изјави Брестовац.

Тргнувајќи од фактот што првите две места во групата Ц носат место во баражот за пласман во осминафиналето, а за тие две места во трка се три екипи со по 12 бода, повеќе од јасна ќе биде амбицијата на данскиот состав. Силкеборг, Спортинг и Татран имаат по шест победи и по два пораза во досегашниот тек од сезоната и имаат еднакви шанси за пласман понатаму. Силкеборг и Металург сезонава се сретнаа во мечот од 4-то коло, во кое победата со 33-25 (16-14) му припадна на данскиот состав.
Како најопасна и најефикасна алка во данскиот синџир во изминатите осум натпревари се издвои десното крило Јохан Хансен, кој со 54 гола ја има третата позиција на листата на најдобри стрелци во ЛШ. Покрај Хансен, голема опасност по голот на Металург ќе доаѓа и од линијата од шест метри каде што искусните пикери Нодесбо (17 гола) и Кнудсен (27 погодока) се речиси незадржливи, а од вид не треба да се испуштат ниту бековите Николај Маркусен (41 гол) и Николај Нилсен (38 погодоци), кои имаат силен шут од надворешната линија.

Денешниот меч ќе биде претпоследен од групната фаза, но последен меч на Металург сезонава на домашен терен во ЛШ. Во 10-то коло од ЛШ Металург ќе му гостува на Татран во Словачка.