Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не сакам на нив да гледам како на играчи што ќе го пополнат тимот и што ќе седат на клупа, туку како на ракометари што ќе играат и ќе дадат свој придонес во играта и во резултатот, рече селекторот Брестовац пред почетокот на подготовките за ЕП, во првата фаза со подмладен состав

Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Данило Брестовац ги собра младите сили за почетокот на завршната фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП), кое од 9 до 26 јануари 2020 година ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.
Оваа фаза од подготовките, до 2 јануари, селекторот ќе ја одработи без искусните репрезентативци Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Жарко Пешевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Филип Кузмановски, Гоце Георгиевски и Мартин Томовски. Според Брестовац, секој од ракометарите ќе треба низ четирите пријателски натпревари да се докаже и покаже дека заслужува место во националниот тим.

– Акцентот на овие подготовки ќе биде ставен на пријателските натпревари со Кувајт и двата од Трофеј Карпати. Ќе видиме кој може да ни помогне и да се наметне во тимот, за да патува со нас на завршните подготовки во Словенија. Сите имаат квалитет, но ќе мора да се докажат. Редно време е некој од нив да исплива на површина. Јас ќе им дадам шанса, подготвен сум да преземам ризик. Ако видам дека некој сака шанса и се бори за неа, ќе му ја дадам. Не сакам на нив да гледам како на играчи што ќе го пополнат тимот и што ќе седат на клупа, туку како на играчи што ќе играат и ќе дадат свој придонес во играта и во резултатот – рече Брестовац.

Македонската селекција со 18 ракометари во Скопје ќе работи до 24 декември, а потоа заминува за Стара Пазова (Србија), каде што на 25 и 26 декември треба да одигра два пријателски дуели со селекцијата на Кувајт. На 28 и на 29 декември на програмата се уште два контролни натпревари, на турнирот во Романија (прво со Алжир, потоа или со Романија или со Холандија), по што ракометарите ќе добијат тридневен одмор за новогодишните празници.

Пред поаѓањето за Словенија, каде што репрезентацијата ќе ја одработи завршната фаза од подготовките, селекторот ќе ги објави имињата на ракометрите што ќе го задоволат неговиот критериум на четирите контролни натпревари и ќе бидат дел од тимот што ќе ги има завршните два теста со Словенија и со Црна Гора, на трети, односно на 5 јануари.
Во првото коло на ЕП (на 10 јануари) Македонија треба да игра со Украина, два дена подоцна против Чешка, а на 14 јануари е мечот со домаќинот Австрија. Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во следната групна фаза на ЕП 2020. 


Митревски: Секој настап е предизвик

Според размислувањата на голманот Никола Митревски, подмладениот состав не би требало да ги промени играта и квалитетот на Македонија на ова првенство бидејќи секој што се нашол на списокот има репрезентативен квалитет.
– Секој настап за репрезентацијата е предизвик. Тоа што ќе бидеме со подмладен состав не би требало да промени многу во квалитетот и во играта на нашата репрезентација. Штом тие играчи се нашле на тој список, значи дека имаат квалитет и способност да одговорат на задачите. Во овие подготовки влегуваме подготвени да го дадеме максимумот и да му направиме на селекторот да му биде што потешко при изборот на 16-те играчи што ќе настапат на ова ЕП. Со оглед на тоа што имаме група без изразит фаворит, во која секој може да победи секого, треба од почеток да влеземе максимално посветени во секој натпревар доколку сакаме да завршиме на едно од првите две места во групата и да се пласираме во главната фаза од натпреварувањето – вели најискусниот во овој млад состав, голманот Никола Митревски.