Треба време, мислам дека со ова млада екипа сме на добар пат за две до три години да го достигнеме посакуваното ниво, рече Брестовац, тренерот на Металург

Ракометарите на Металург и во шестиот обид не успеаја да забележат победа во Регионалната лига. Петтиот пораз сезонава, овој пат со 29-30 (13-16) е од српскиот вицепрвак Железничар, на мечот во Скопје, во средата. Пред паузата за неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) младите металурзи утре (20.15 часот, пренос на МТВ) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе имаат уште една шанса да го поправат впечатокот и во втората пресметка сезонава со словачкиот првак Татран да ја подобрат играта и да забележат позитивен резултат.

– Со Железничар имавме многу технички грешки, немавме напад, немавме одбрана, немавме брза топка, едноставно, не игравме убав ракомет. Ни недостигаат неколку играчи за да имаме квалитетна ротација. Треба време, мислам дека со ова млада екипа сме на добар пат за две до три години да го достигнеме посакуваното ниво.

Натпреварот со Татран ќе биде последен во овој прв циклус, во кој сме влезени во многу лош ритам. Паралелните средби во ЛШ и во регионалната лига влијаат исцрпувачки на нашата екипа во која играчите не можат цел меч да одиграат во висок ритам и затоа ни се случуваат падовите во играта. Се надевам дека за мечот со Татран ќе го имаме и Александар Шпенде. Се надевам дека во споредба со минатата средба со Татран ќе покажеме далеку подобра и поборбена игра – изјави тренерот Данило Брестовац.

Со деветте гола десниот бек Мартин Серафимов беше најефикасен во дуелот со Железничар, а втор стрелец беше Халил Јагањац, кој реализира пет гола. Кај Железничар најефикасен беше поранешниот десен бек на Металург, Предраг Вејн кој во првото полувреме, до моментот кога доби црвен картон за груб прекршок врз Марио Танкоски, постигна осум погодоци.

Во другите мечеви од 6-то коло изненадување направија ракометарите на Војводина и на Загреб со победите над Мешков (29-26), односно над Вардар (26-23). Татран беше сигурен на дуелот со Извиѓач (26-22) за четврта победа сезонава и со 12 бода ја има третата позиција на табелата.