Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бевме добри до 40-45-та минута и за таа игра им честитам на моите играчи. Причината за поразот ја гледам во лошата реализација, која, пак, се должи на тоа што одигравме три меча во пет дена, изјави Брестовац, по поразот на Металург од Спортинг во 7-то коло на ЛШ

Ракометарите на Металург не успеаја да ја забележат втората победа во Лигата на шампионите (ЛШ). Избраниците на тренерот Данило Брестовац во два дена доживеаја два пораза, првиот од Стеауа (28-27) во 8-то коло од Регионалната лига, а вториот од португалскиот првак Спортинг (31-24) во меч од 7-то коло од ЛШ. Металург и во овие два меча одигра по стариот рецепт, одлично прво полувреме на кое можат да позавидат и далеку поискусните и поквалитетни тимови и лошо второ, посебно во мечот со Спортинг кога по водството со 18-17 по првото полувреме, во продолжението од мечот беа постигнати само шест гола.

– Имавме очајна реализација во клучните моменти, така што последните десет минути ги одигравме непростливо лошо. Бевме добри до 40-45-то минута и за таа игра им честитам на моите играчи. Имаше моменти, посебно во првото полувреме кога дејствувавме навистина добро. Причината за поразот ја гледам во лошата реализација, која, пак, се должи на тоа што одигравме три меча во пет дена. Како и да е, продолжуваме со работа, имаме девет дена да се подготвиме за следниот меч од ЛШ, со Бешикташ, и верувам дека ќе одиграме во рамките на посакуваното – изјави Брестовац.

Забрзаниот ритам на натпревари лошо се одрази врз играта, концентрацијата и врз ефикасноста на металурзите, чиј ефект во последниот меч од 70 отстотна ефикасност во првиот дел падна на 27 отсто во второто полувреме, а беа направени дури 15 технички грешки.

Светла точка во тимот на Металург беше голманот Мартин Томовски, кој собра 17 интервенции, на листата на стрелци најефикасни беа Димитар Димитриоски со пет, Марио Танкоски со четири, а по три реализации забележаа Милан Лазаревски, Александар Шпенде и Гонзало Рибеиро.

Како потврда дека Металург има одличен и надежен тим се и изјавите на словенечкиот голман на Спортинг, Матевж Скок, кој со 18 одбрани (повеќето во второто полувреме) беше еден од најзаслужните за победата на Спортинг, и тренерот Монтеиро Канела, кои по мечот имаа низа пофални зборови.

– Овој тим на Металург заслужува целосна почит. Во два дена одиграа два натпревара на високо ниво. Ние треба да се замислиме за нашата игра. Металург сигурно нема услови какви што имаме ние, а, сепак, беше рамноправен со нас. Тоа е млад, храбар тим и сигурно ќе оди само напред ако продолжи вака да работи – изјави Скок.

Тренерот Канела му честита на Металург за одиграното на натпреварот.

– Ова е млад, храбар и борбен тим. Претходно играа меч со висок интензитет, а на високо ниво одиграа и со нас. Тоа не е вообичаено, но овие играчи покажаа дека можат и беа навистина тежок противник – рече Канела.