Фото: Игор Бансколиев

Поради повреда, откажа левото крило Дејан Манасков, а неизвесен е настапот и на пикерот Стојанче Стоилов, додека на првите тренинзи ќе отсуствуваат Кирил Лазаров и Филип Талески

Македонската машка ракометна репрезентација ја започна последната фаза од подготовките за реализација на мисијата заверка на пласманот на Европското првенство (ЕП) 2020 година, што ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска, што наедно ќе претставува и продолжување на континуитетот во учества на големите натпреварувања.

Селекторот Данило Брестовац има мал проблем поради повредите на левото крило Дејан Манасков и пикерот Стојанче Стоилов, а на првите тренинзи ќе отсуствуваат бековите, капитенот Кирил Лазаров и Филип Талески, кој вчера го имаше последниот меч сезонава во Бундес-лигата.

– Дејан Манасков целосно откажа, останува да видиме каква ќе биде ситуацијата со Стојанче Стоилов. Последно што знам е дека ќе игра на првиот меч со Турција, а потоа ќе видиме каква е неговата состојба со повредата. Во ваква ситуација очекувам младите Димитар Димитроски и Бојан Маџоски да покажат што и колку умеат. Очекувам квалитетен и борбен натпревар, победа, за да ја задржиме првата позиција на табелата и да одиме скалило погоре во барабаните за ждрепките. Мора да напредуваме, чекор по чекор, тоа е приоритет на овие два натпревари – истакна селекторот Брестовац.
Во првиот квалификациски натпревар (в среда 18 ч.), Македонија ѝ гостува на селекцијата на Турција, а четири дена подоцна (в недела, 18 ч.) на домашен терен во Струмица, ќе ја пречека селекцијата на Грција, која приреди непријатно изненадување во првиот дуел во Кожани, победувајќи ја Македонија.

– Тоа што речиси сме пласирани на ЕП не треба воопшто да нè залажува и да нѐ опушта. Овие два меча ни се можност за освојување на првата позиција во групата, а со тоа ќе имаме можност и за привилегирана ждрепка. Во овој квалификациски циклус веќе имавме едно промашено гостување и доволно е. Сметам дека сме доволно искусни и тоа нека ни биде еден вид опомена пред патувањето во Турција. Треба да одиграме максимално борбено и цврсто како во двата меча со Исланд. И Турците си имаат своја математика, бидејќи со победа на тој натпревар би биле кандидат за пласман на ЕП како една од четирите најдобри третопласирани селекции, но нам важна ни е нашата математика – вели голманот Никола Митревски.

До мечот со Турција репрезентативците ќе одработат четири тренинзи во комплетен состав, а паралелно ќе прават и видеоанализи со конкретни задачи за играта на противникот.

По досегашните четири кола, Македонија е прва во групата со пет бода, исто колку што има и Исланд, но за да ја задржи таа позиција, потребни ѝ се победи во двата меча. При ист број бодови со Исланд, предност има Македонија поради подобриот меѓусебен скор.