Селекторот Данило Брестовац ја посочи слабата реализација во нападот како причина за поразот од Австрија 28-32, по кој македонската ракометна репрезентација беше елиминирана од Европското првенство.

– Одбраната не беше виновна, туку нападот. Имавме лоша реализација, дозволивме брзо да ни се одлепат, а иако се обидовме да се вратиме во неколку наврати, на крајот не успеавме. Повторно имавме слаба реализација, повторно при ситуација шест на пет не реализиравме – порача селекторот.

Тој верува дека Македонија повторно ќе има силна репрезентација.

– Сега ни останува да работиме на самодовербата на младите играчи и да ги мотивираме за понатаму, за да се јавуваат при повикот за настап со националниот дрес. Мора да се продолжи со многу напорна работа. Мислам дека во наредниот период треба да жртвуваме големо натпреварување за да имаме силна селекција во блиска иднина. Мислам дека во догледно време би требало да имаме една силна репрезентација, дека овие момци ќе се вратат многу посилни на едно големо натпреварување и сигурно ќе значат нешто во европскиот и светскиот ракомет – истакна Брестовац.