Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека има луѓе како Минчо Јорданов и како Живко Мукаетов, кои несебично го поддржуваат и вложуваат во македонскиот ракомет, Македонија не треба да се грижи за својата ракометна иднина. И не само за ракометно-спортската иднина туку и многу повеќе, за здрави, физички и ментално, и за етички и морално силни генерации. Металург е лидер во продукцијата на ракометари на Балканот и најважно е да се држиме до нашиот создавачки концепт, обновувањето на генерациите со нови таленти и да достигнеме едно ниво на самоодржување во финансиска смисла

Формирањето на ракометната академија на Металург е најдоброто нешто што му се случи на македонскиот ракомет. Додека функционираат школите на Металург и додека има луѓе како Минчо Јорданов и како Живко Мукаетов, кои несебично го поддржуваат и вложуваат во македонскиот ракомет, Македонија не треба да се грижи за својата иднина, изјави Данило Брестовац, тренер на Металург и селектор на младинската репрезентација на Македонија.

Најмладата екипа во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Регионалната лига (РЛ), Металург, со победа ја заврши 2018 година, најавувајќи уште подобри изданија во новата година. Младите металурзи во ниту еден меч не беа надиграни од далеку поискусните и поквалитетни противници од себе. Брестовац силно верува во квалитетот и во потенцијалот на неговата млада екипа, но свесен е дека за да се достигне нивото на врвен ракомет, потребни се време, многу работа и напорни тренинзи.

– Ние сме во фаза на создавање екипа за долги патеки. Потенцијал и квалитет имаме, но недоволно за врвен ракомет. Генерално, имаме напредок. Напредуваме секојдневно. Ни претстои уште многу работа за да дојдат на терен вистинските резултати. Ако споредиме со првиот натпревар, кога имаше играчи што имаа споредни улоги и мала минутажа, сега е поинаку. Влезени сме во еден современ процес на физичка, техничка и тактичка подготовка, кој бара време. Имаме разигран тим, а тука се и Гонзало, Шпенде и Пучник, кои знаат да повлечат кога е потребно. Најважно е што знаеме каде одиме и каде ни е патот. Знаеме дека е тешко кога ќе се загуби, но прекуноќ ништо не се создало. Потребно ни е време, затоа што, сепак, станува збор за млади ракометари. Градиме стратегија преку која не сакаме да ги бркаме македонските играчи за да носиме странци. Нешто што ми пречи и што го дијагностицирав со моето доаѓање на чело на младинските селекции на Македонија и во Металург, е тоа дека македонските ракометари не вложуваат во себе. Два тренинга на ден се недоволни. Каде се тука индивидуалните тренинзи, каде е правилната исхрана, спортскиот начин на живот, одрекувањата од благодатите – вели Брестовац.

Според Брестовац, Македонија не треба да се грижи за својата ракометна иднина.

– Додека постои Металург, додека функционираат школите на Металург и додека има луѓе како Минчо Јорданов и како Живко Мукаетов, кои несебично го поддржуваат и вложуваат во македонскиот ракомет, Македонија не треба да се грижи за својата иднина. И не само за ракометно-спортска иднина туку и многу повеќе, за здрави, физички и ментално, и за етички и морално силни генерации. На клупско ниво имаме исклучително добро разбирање од сопственикот, кој има неверојатно чувство за општествено одговорно работење, во интерес на пошироката заедница и долгорочни бенефиции за младите ракометари, но и за државата. Во тоа одлично се вклопува поддршката од претседателот на федерацијата, Мукаетов, кој еднакво се грижи и за сениорските и за јуниорските и за најмладите категории ракометари и на сите им ги овозможува најдобрите услови за напредок и развој на репрезентативно ниво. Штета е што во државава имаме многу малку такви луѓе, кои вистински го сакаат спортот и придонесуваат за неговиот подем – рече Брестовац.

Тој појасни дел од начинот на работа во Металург.

– Преку развојната стратегија на школите низ целата држава, формирањето мини-лига, овозможувањето на децата да се натпреваруваат уште од најмала возраст и формирањето генерациски селекции, веќе неколку години создаваме по неколку играчи од секоја генерација, кои стануваат дел од националните тимови. На пример, од генерацијата 1996/97 ги имаме Филип Талески, Мартин Велковски и Горан Крстевски, задна линија за респект. На пивотменската позиција е Милан Лазаревски со огромен развој во изминатиов период и двајцата голмани Мартин Томовски и Никола Данаиловски. Од генерацијата 1998/99 ги имаме крилата Димитар Димитриоски, Мице Шилегов и Томи Јагуриновски како бек-крило, за бековската линија излегоа Марио Танкоски и Марко Мишевски (кој замина во Вардар – н.з.), и Филип Арсеновски на пикерската позиција. Надоаѓачки репрезентативни таленти има и во генерацијата 2000/2001 каде што се Мартин Серафимов, Ненад Костески, Андреј Митиќ, потоа Теодор Тодевски, Симон Прентоски… од генерацијата 2002/2003 – рече Брестовац.

Во фаза сме на создавање екипа за долги патеки. Потенцијал и квалитет имаме, но недоволно за врвен ракомет. Генерално, имаме напредок. Напредуваме секојдневно. Ни претстои уште многу работа за да дојдат на терен вистинските резултати. Ако споредиме со првиот натпревар, кога имаше играчи што имаа споредни улоги и мала минутажа, сега е поинаку. Влезени сме во еден современ процес на физичка, техничка и на тактичка подготовка, кој бара време

Како сублимат на сево ова може да се констатира дека Металург е лидер и во регионот според продукцијата на играчи од сопствените школи.

– Точно е дека Металург е лидер во продукција на играчи не само во Македонија, туку и на Балканот. Но, исто така, се грижиме и за најталентираните играчи од Македонија и од регионот, кои ги носиме во нашиот клуб и им даваме шанса и услови за уште подобар напредок и развој. Такви се, на пример, левиот бек од Прилеп, Теодор Тодески (роден 2002 – н.з.), српскиот голман Предраг Мијатовиќ (2002), централниот бек од Врање Стефан Додиќ (2003), кој со 16 години доби шанса да игра во ЛШ и во РЛ. Ако сакаме да го задржиме лидерскиот статус во работата со младите играчи, секогаш треба први да ги контактираме талентираните деца од земјава и пошироко. Тоа е она што Металург го прави инкубатор на врвни играчи, за кои подоцна се интересираат врвни екипи. Најважно е да се држиме до нашиот создавачки концепт, обновувањето на генерациите со нови таленти и да достигнеме едно ниво на самоодржување во финансиска смисла – истакна Брестовац.


Од играчите барам да бидат мои помошни тренери на теренот

Покрај тоа што е тренер на Металург, Данило Брестовац е и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, која во август ја очекува настап на Светското првенство во Македонија.
– Можам да се пофалам дека од првиот одигран натпревар пред една година, кога ја формиравме селекцијата, до последниот натпревар што го игравме со Унгарија на турнирот пред неколку дена, имаме огромен напредок во играта. Контурите на селекцијата се добро поставени, така што се обидувам врз база на клубовите во кои работат да ги надградам ментално, технички и тактички. На последниот турнир во Скопје видов дека играчите веќе разбираат што всушност барам од нив. Тие мора да се способни да ги прочитаат противничките акции, да се постават на секоја акција правилно и навремено, како што барам од нив, и да бидат агресивни, секогаш доволно високо кренати во одбранбената формација за да можат да остварат контакт со противничкиот напаѓач. Во нападот треба да се способни да најдат решение за секоја противничка формација и да бидат доволно итри да ги детектираат сите индивидуални слаби страни на противничките играчи. Во кратки црти, барам од нив да се однесуваат како мои шест помошни тренери на теренот. Тоа се некои мои принципи и погледи според кои треба да се движиме техничко-тактички, за да дојдеме во вториот круг на кадетското СП, како примарна цел, а за успех би го поставил пласманот меѓу осумте најдобри селекции на првенството – рече Брестовац.