Селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац најави дека неговите избраници ќе бидат подготвени за претстојниот дуел со Чиле кој ќе одлучува за понатамошен пласман на Светското првенство, на прес-конференцијата по денешниот пораз од домаќинот Египет (19-38).

– Имавме мал период за подготовка, но мислам дека играчите ќе бидат подготвени психички и физички за дуелот со Чиле. Веќе одигравме два меча против Чиле. Мислам дека можеме да ги победиме и да се пласираме во следната фаза – изјави Брестовац.

Бекот Мартин Велковски смета дека Македонија треба да одигра похрабро за да оствари пласман во следната фаза.

– Имаме уште една шанса за пласман понатаму против Чиле. Мора да бидеме похрабри, да играме повеќе тимски и подобро, за да се пласираме во следната фаза – истакна Велковски.

Македонија ќе се сретне со Чиле задутре (од 15.30 часот). Чиле вечерва игра против Шведска.