Фото: Игор Бансколиев

Мора да создадеме победнички дух, да покажеме карактер, борбеност, а со тоа играчите да им покажат на тренерите дека неправедно биле запоставени, вели селекторот Брестовац, пред четирите тест-меча идната недела, како подготовка за настапот на ЕП 2020

Нешто помалку од три месеци ја делат македонската машка ракометна репрезентација од нов настап на континентален шампионат, овој пат на Европското првенство (ЕП) во јануари во Австрија, Шведска и во Норвешка. Првата фаза од подготовките за настап на ЕП македонските репрезентативци ќе ја почнат идната недела, за кога се предвидени четири пријателски меча, со селекциите на Турција и на Италија во Турција и два меча со Грузија во Скопје.
Во пресрет на репрезентативната недела на ЕХФ, селекторот Данило Брестовац направи принудна измена во составот, така што на местото на повредениот Мартин Серафимов го повика десниот бек Мартин Велковски, а овој репрезентативен собир поради повреда ќе го пропушти и пикерот Никола Марковски. Формирање на одбранбената линија ќе биде главната задача на селекторот Брестовац.

– Во пресрет на подготовките за Европското првенство загрижен сум за малата клупска минутажа на репрезентативците. Во периодот до ЕП формирањето на одбранбената линија ќе биде наша главна цел. Во овие неколку меча ќе мора да најдеме добри играчи што ќе го покриваат централниот дел од одбраната. Без добра одбрана тешко ќе биде да обезбедиме пласман во втор круг – изјави Брестовац.
Селекторот вели дека во подготвителните натпревари мора да се влезе со максимален пристап за победа.

– Мора да создадеме победнички дух. Мора да играме натпревари и да победуваме. Да покажеме карактер, борбеност, а со тоа играчите да им покажат на тренерите дека неправедно биле запоставени – додаде Брестовац. 


Осум тест-меча пред настапот на ЕП

Селекторот Данило Брестовац го дефинира и планот за декемвриските и за јануарските подготовки во пресрет на ракометното Европско првенство (ЕП), па така, македонската репрезентација на 27 и 28 декември ќе настапи на традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија, што ќе биде шести настап за нашиот национален тим на еден од најстарите ракометни турнири на континентот.
По новогодишните празници, на 2 јануари селекцијата заминува на подготовки во Словенија каде што се предвидени уште два контролни натпревари од кои првиот на 3 јануари со Словенија, а два дена подоцна со Црна Гора. Сето тоа значи дека Македонија пред настапот на ЕП 2020 вкупно ќе одигра најмалку осум тест-натпревари.
На ЕП 2020 Македонија ќе игра во групата Б во Виена, каде што за првите две места што носат пласман во следната групна фаза ќе игра со Чешка, Австрија и со Украина.