Очекувам тежок и неизвесен натпревар во кој ние ќе победиме. Со квалитетот што го поседуваат македонските ракометари, мислам дека можеме да одговориме на секоја нивна одбрана, смета селекторот, Данило Брестовац

Македонската машка ракометна репрезентација утревечер (20 ч. директен пренос на ТВ Телма) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе ја пречека селекцијата на Исланд, во реванш-мечот од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2020 што ќе се игра во Австрија, Норвешка и Шведска.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа одлично, забележаа победа (34-33) на гости во Рејкјавик што води кон пласман во завршницата на ЕП 2020, притоа демонстрирајќи борбеност, цврстина и карактер.

– Утрешниот реванш-меч со Исланд за мене е мало финале во квалификациите. Со победа во овој дуел ќе добиеме многу. Можност за напредок во првиот барабан за ждрепката за ЕП, но и потврда дека оваа селекција има перспектива. Очекувам тежок и неизвесен натпревар во кој ние ќе победиме. Со квалитетот што го поседуваат македонските ракометари, мислам дека можеме да одговориме на секоја поставена одбрана. Но мора и ние да одиграме уште поцврста и подобра одбрана отколку во првиот меч. Можеме и мораме уште подобро да одиграме. Горд сум на момците за убавата и борбена игра во Исланд од која извојуваме значајна победа и се надевам на уште добра игра – изјави селекторот Брестовац.

Победата во утрешниот дуел е императив за двете селекции, пред сѐ, поради „пол-позицијата“ што се добива со освојувањето на првото место во квалификациската група, кое носи место во првиот или вториот барабан за ждрепката на групите за ЕП. Пласман на второто место во групата носи место во третиот барабан, што би значело два силни ривала во групната фаза на ЕП 2020. 


Исланд со нови голмани во реваншот

Незадоволен од изданието на два најдобри голмана на мечот во Рејкјавик, Бјрогвин Пал Густавсон и Арон Арфн Едвардсон, селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон реши да ги изостави од тимот за утрешниот дуел. Нивните места ќе ги заземат, Агуст Ели Бјоргвинсон (24), голманот што од втор план влета на мундијалот во Германија и кадетскиот репрезентативец Виктор Гисли Халмгримсон (18).


По Данска паднаа Франција и Шпанија

Третото коло од квалификациите за ЕП 2020-та како да беше резервирано за изненадувања. По поразот на светскиот првак Данска на гостувањето од Црна Гора (31-32) истото тоа го доживеа и шампионската селекција на Франција, на гостувањето во Португалија (27-33). Пораз претрпе и актуелниот европски првак, Шпанија во дуелот со Австрија (28-27), кој се играше во рамките на ЕХФ Еврокупот. Пораз на домашен терен доживеа и Чешка (30-31) во дуелот со Белорусија.
Селекциите на Србија и на Хрватска ги поделија бодовите, ремизирајќи (25-25), БиХ славеше на гости кај Финска (30-26), а потешко од очекуваното минимална победа забележа Словенија, на гостувањето кај Холандија, (27-26).