Ненад Костески во акција

Кадетската репрезентација, која го освои 4. место на силниот турнир во БиХ, во јуни и во јули ќе се подготвува за СП во Македонија, а треба да одигра и неколку тест-средби. Ждрепката за состав на групите на тој Мундијал треба да биде влечена на 29 мај во Базел

Македонската машка кадетска репрезентација од генерацијата 2000/2001, која пред три дена го освои четвртото место на меѓународниот турнир „Ракометот е мојата иднина“ во Бугојно, Босна и Херцеговина, од 6 до 18 август ќе настапи како домаќин на осмото Светско првенство (СП) за таа возрасна категорија.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац имаа повеќе од солиден настап на турнирот во Бугојно, кој беше еден вид тест за можностите и за квалитетите на генерацијата, која на крилата на домашниот терен ќе се обиде да ја претстави Македонија во најдобро светло.

– Од овие пет одиграни натпревари добив вистинска слика на досегашната работа и за тоа на што треба да работиме во периодот што следува. Ми се допаднаа нивниот глад и желба за докажување, тимскиот дух и дисциплината во играта во фаза на одбрана, а како нивни слабости би ги издвоил физичката подготвеност и недостигот од сила, како и губењето на креативноста во клучните моменти – забележа Брестовац.

На турнирот во Бугојно македонските ракометни надежи одиграа одлични партии со селекциите на Словенија (го освои првото место) и на Германија (трета) и покажаа дека заслужуваат место меѓу најдобрите 10 репрезентации во Европа.

Покрај Македонија, учество на ракометниот Мундијал годинава обезбедија најдобрите 12 селекции од претходното кадетско Европско првенство, и тоа Хрватска, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Исланд, Норвешка, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска и Португалија, која местото го доби по откажувањето на Океанија (Нов Зеланд), а потоа и на Австралија.

Од азискиот континент пласман на СП обезбедија Саудиска Арабија, Бахреин, Кинески Тајпеј и Јапонија, а од Африка тука ќе бидат селекциите на Нигерија, Египет и Тунис. Пласман обезбеди и Канада, а списокот со 24 селекции ќе биде комплетиран по одигрувањето на Панамериканските квалификации, кои ќе се играат во Бразил, од 7 до 12 мај, од каде што место ќе добијат трите најдобропласирани репрезентации.

Ждрепката на групите е предвидено да се влече на 29 мај во Базел, а неколку дена пред тоа ќе бидат одредени и шесте барабани во кои Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) ќе ги распредели селекциите според рејтингот. Македонија пред јуниорското Светско првенство во Алжир во 2017 година беше сместена во третиот барабан, заедно со домаќинот Алжир, Фарски Острови и со Катар. Македонија на тоа СП го освои шестото место.

До почетокот на СП 2019 македонските кадети имаат уште три месеци за подобрување на физичката подготвеност, како и за потребните корекции околу техничкиот и тактичкиот елемент на играта.

– Кон средината на јуни е предвиден собир во Охрид, на кој ќе бидат извршени мерења и секој од играчите ќе добие програма за индивидуална работа до следниот собир, во јули, за кога се предвидени и десетдневни подготовки во Маврово, од 20 до 30 јули. Во меѓувреме ќе се потрудиме да договориме и некој контролен натпревар – рече селекторот.

Светското првенство треба да се игра во спортските центри „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ во Скопје.