Момент од дуелот со Татран

Зад нас се три месеци напорна работа. Една победа и девет порази во ЛШ, во кои по 40 до 50 минути бевме рамноправни, а на моменти и доминантни над далеку поискусните противници. Екипата полека ја добива својата физиономија. Важно е што момците сакаат да се надигруваат и што учат од секој нов натпревар, рече Брестовац, тренерот на Металург

Ракометарите на Металург со пораз од Татран Прешов (30-24) го завршија настапот во групната фаза од Лигата на шампионите сезонава. По исцрпувачкиот натпревар со Војводина два дена претходно, избраниците на тренерот Данило Брестовац успеаја да соберат сили и да му се спротивстават на искусниот состав на Татран. Металурзите лошо го почнаа натпреварот, домаќинот поведе со 5-1, но набрзо Металург, предводен од Миха Пучник, ги консолидира своите редови и го стигна резултатски противникот.
Неизвесно беше и во почетокот на второто полувреме, но повторно следуваше серија нереализирани напади и загубени топки од Металург, кои одлично ги искористи мотивираниот состав на Татран за резултатски профит и акумулирање солидна предност, која им донесе мирна завршница за седма победа сезонава и активана шанса за пласман во баражот за осминафиналето, под услов Спортинг да славел на гостувањето кај Силкеборг синоќа.

– Иако го загубивме мечот со Татран задоволен сум од одиграното. Ранети од претходниот дуел покажавме карактер, играчите стиснаа заби и одиграа добар натпревар. Уште сме далеку за да можеме да победиме еден ваков меч на гости. Во овој меч позитивна беше играта на Мартин Серафимов и на Миха Пучник, кој полека но сигурно влегува во концепцијата на тимот – изјави Брестовац.

Најмладиот состав во ЛШ сезонава зад себе го имаа најслабиот настап во елитното натпреварување во изминатите осум сезони. Зад овој ефект стои и турбулентниот период, во кој тимот прво го напушти капитенот Филип Кузмановски, потоа и најефикасниот поединец Халил Јагањац. Нивното место во тимот го зазедоа словенечките бекови Александер Шпенде и Миха Пучник и португалскиот централен бек Гонзало Рибеиро, кои во изминатите неколку натпревари со својата игра, борбеност и квалитет го оправдаа ангажманот. Избраниците на Брестовац сезонава забележаа само една победа, на домашен терен над Чеховски медведи (30-28) и девет порази во кои беа рамноправни ривали со далеку поискусните екипи од групата Ц.

– Зад нас се три месеци напорна работа. Една победа и девет порази во Лигата на шампионите во кои по 40 до 50 минути бевме рамноправни, а на моменти и доминантни над далеку поискусните противници. Работиме максимално, малку подоцна се комплетиравме, но екипата полека ја добива својата физиономија. Најбитно е што и покрај поразите знаеме дека по секој поминат ден на тренинг или натпревар сме сѐ подобри, поквалитетни, поискусни и поуиграни. Исто така, важно е што момците сакаат да се надигруваат и што учат од секој нов натпревар. Во нашиот фокус сега ќе бидат натпреварите од Регионалната лига, кои ќе ни бидат одлична подготовка за разигрувањето во домашното првенство – рече Брестовац.

Во десетте кола од ЛШ металурзите постигнаа 246 гола (24,6 во просек по натпревар), од кои 126 од бековската линија, 58 од крилните позиции, 38 реализираа пикерите и 24 гола од седмерец, а примија 300 гола (30 во просек по меч). Најефикасен ракометар на Металург сезонава во ЛШ беше Јагањац со 32 гола во пет одиграни натпревари, следуваат Марио Танкоски со 30, Анте Токиќ со 29, Шпенде со 22 од пет меча и Серафимов со 21 погодок.