Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само тие што се најподготвени и во најдобра форма ќе одат на ЕП, вели селекторот по двата тест-меча со Кувајт, во подготовките за настап на континенталното првенство во јануари

Македонската машка ракометна репрезентација го загуби вториот контролен дуел со Кувајт со 22-23, откако во првиот меч славеше со 27-24. Двата меча се играа во Србија, како дел од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во јануари.

За разлика од првиот дуел, во кој Македонија имаше постојана контрола на резултатот, вториот меч помина со изедначена игра, во која најмногу што направи македонскиот тим беше два гола предност. Второто полувреме до 53. минута помина во знакот на Кувајт, кој благодарение на одличните голмани, на седум минути до крајот имаше предност од шест гола (22-16). Македонските ракометари не успеаја да направат целосен пресврт, најмногу што направија беше серијата од 5-0 со која се доближија на 22-21.

– На овие два меча дојде до израз малата минутажа во клубовите и тоа што голем дел ракометари не се во натпреварувачки ритам. Имаме уште два натпревара на кои можеби може да се смени моето мислење. Само тие што се најподготвени и во најдобра форма ќе одат на ЕП – изјави селекторот Данило Брестовац.

Македонската репрезентација синоќа пристигна во Букурешт, Романија, каде што денеска и утре ќе биде дел од меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“. Денешен противник (16 часот) на подмладената репрезентација ќе биде селекцијата на Алжир, а утре Романија или потенцијалниот противник во втората фаза на Европското првенство в година, Холандија.

На ЕП, Македонија ќе игра во Виена, а ривали во групата се Австрија, Чешка и Украина. По три кола, двете најдобри селекции ќе се пласираат во следната групна фаза.