Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац ги собра младите сили за почетокот на завршната фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП), кое од 9 до 26 јануари 2020 година ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска.

Оваа фаза од подготовките, до 2 јануари, селекторот Брестовац ќе ја одработи без искусните репрезентативци Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Жарко Пешевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Филип Кузмановски, Гоце Георгиевски и Мартин Томовски. 

Македонската селекција со 18 ракометари во Скопје ќе работи до 24 декември, а потоа заминува за Стара Пазова (Србија), каде што на 25 и 26 декември треба да одигра два пријателски дуели со селекцијата на Кувајт. На 28 и на 29 декември на програмата се уште два контролни натпревари, на турнирот во Романија (прво со Алжир, потоа или со Романија или со Холандија), по што ракометарите ќе добијат тридневен одмор за новогодишните празници.

Пред поаѓањето за Словенија, каде што репрезентацијата ќе ја одработи завршната фаза од подготовките, селекторот ќе ги објави имињата на ракометрите што ќе бидат дел од тимот што ќе ги има завршните два теста со Словенија и со Црна Гора, на трети, односно на 5 јануари.

Во првото коло на ЕП (на 10 јануари) Македонија треба да игра со Украина, два дена подоцна против Чешка, а на 14 јануари е мечот со домаќинот Австрија. Првите две селекции од секоја од шесте групи ќе се пласираат во следната групна фаза на ЕП 2020. Та.Д.

МАКЕДОНИЈА

ГОЛМАНИ
Никола Митревски
Марко Кизиќ
КРИЛА
Димитар Димитриоски
Бојан Маџовски
Мартин Поповски
Ненад Костески
БЕКОВИ
Горан Крстевски
Дарко Димитриевски
Дејан Кукуловски
Велко Марковски
Мартин Велковски
Мартин Серафимов
Томислав Јагуриновски
Марио Танкоски
Марко Мишевски
Мартин Манасков
Дарко Георгиевски
ПИКЕРИ
Никола Марковски
Костадин Петров
Михаил Аларов