Фото: Игор Бансколиев

Најважно е што знаеме каде одиме и каде ни е патот. Знаеме дека е тешко кога ќе се загуби, но прекуноќ ништо не се создало. Потребно ни е време, затоа што, сепак, се работи за млади ракометари, рече Брестовац, тренерот на Металург

Желбата за победа на младите ракометари на Металург остана неостварена и по дуелот од 11-то коло од Регионалната лига со белорускиот првак Мешков, кој со сигурна игра во Скопје во неделата славеше со 34-28 (16-13). Нова шансата за победа металурзите ќе имаат во двата гостински меча, кај Нексе и кај Извиѓач.
– Лошата игра во одбрана направи лоша слика на мечот. Напаѓачки бевме добри, но најголема забелешка имам за лошата одбрана врз шутерската линија на Мешков. Недостигаа концентрација, борбеност, жар, а и голманите не беа на висината на задачата – забележа Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Натпреварот со Мешков беше последен на Металург дома годинава, а до паузата за Светското првенство металурзите имаат уште два меча на гостински терен кај Нексе (недела, 20.15 ч) и кај Извиѓач (вторник 20.15 ч). Во досегашниот дел од сезоната, Металург забележа една победа, над Татран и едно реми, со Извиѓач.

– Ние сме во фаза на создавање екипа за долги патеки. Имаме одлична атмосфера, работиме напорно и имаме разбирање за сѐ и за секого. Секои три дена играме меч, а такво темпо е проблем и за големите екипи. Повеќето од нив имаат и по три-четири играчи на секоја позиција за да издржат интензивен ритам. Генерално, имаме напредок. Напредуваме секојдневно. Ако споредиме со првиот натпревар, кога имаше играчи што имаа споредни улоги и мала минутажа, сега е поинаку. Имаме разигран тим, а тука се и Гонзало, Шпенде и Пучник, кои знаат да повлечат кога е потребно.

Најважно е што знаеме каде одиме и каде ни е патот. Знаеме дека е тешко кога ќе се загуби, но прекуноќ ништо не се создало. Нам ни е потребно време, затоа што, сепак, се работи за млади ракометари. Градиме стратегија преку која не сакаме да ги бркаме македонските играчи за да носиме странци – рече Брестовац.