Фото: Маја Јаневска-Илиева

Му честитам на Еурофарм за победата. Треба да се биде голем во победата, но и во поразот, спортски е да се честита и уште посилно да се продолжи напред. Не застануваме и продолжуваме по патот што го трасиравме. Имаме многу причини да бидеме горди, изјави Блажевска, претседателката на Металург

Ракометарите на Металург го загубија првиот дерби-дуел сезонава со Еурофарм Работник, 32-25 (13-12) во 2-то коло од плејофот во трката за титулата. Избраниците на тренерот Стевче Алушовски имаа поголем мотив и желба за победа и за надигрување во споредба со момците на Данило Брестовац, кои направија и многу технички грешки и промашувања во завршните 15 минути од мечот. Филип Кузмановски со осум и Милан Ѓукиќ со седум гола беа најефикасни во победничкиот тим, а Марио Танкоски со седум и Мартин Серафимов со пет реализации беа најефикасни кај Металург.

– Му честитам на Еурофарм за победата и го почитувам трудот што го вложуваат во македонскиот ракомет во овие исклучително тешки моменти за спортот. Треба да се биде голем во победата, но и во поразот, спортски е да се честита и уште посилно да се продолжи напред. Јас, како претседателка на Металург, не гледам трагедија во овој пораз, ниту, пак, закана за иднината на Металург. Напротив, не застануваме и продолжуваме по патот што го трасиравме. Поразот од Еурофарм е само уште еден резултат во натпреварувањата на нашиот клуб. Имаме многу причини да бидеме горди.

Ракометарките на Металург со победата над Пелистер цврсто чекорат кон шампионската титула. Металург 2 се врати со победа од Кавадарци. Младинците и младинките на Металург по четврти пат ги освоија шампионските титули во Македонија. А првиот тим ќе продолжи со натпреварите и на домашна и на меѓународна сцена во натпреварувањата на ЕХФ и во Регионалната лига – изјави Блажевска.

По поразот, Брестовац ја презеде целата одговорност за поразот и најави разделба со тимот од „Автокоманда“.

– Доколку тренерот одлучи да застане тука, ќе му посакаме среќа. До овој момент немаме добиено оставка и не можам да коментирам за тоа. Ако Брестовац остане на својот искажан став, помошник-тренерот Оливер Димитриоски ќе ги води тренинзите и тимот на следниот натпревар утре. Потоа следува неделата на ЕХФ, во која ќе имаме повеќе време за одлуки. Во секој случај, нема да се носи избрзано решение – рече Блажевска.

Утрешното гостување кај Пролет (18.30 часот) во третото коло ќе биде следниот предизвик на тимот од „Автокоманда“.