Тој го постигна победоносниот гол на мечот Ливерпул – ВБА (2-1), во 95-та минута, и стана првиот голман во историјата на „црвените“ што постигнува гол на официјален меч!

ФУДБАЛ

Бразилецот Алисон Бекер го постигна победоносниот гол на мечот Ливерпул – ВБА (2-1), во 95-та минута, и стана првиот голман во долгата историја на „црвените“ (клубот е формиран во 1892 година) што постигнува гол на официјален меч! Голот на Алисон (94,18 минута) е втор најдоцна даден гол за Ливерпул во Премиер-лигата на гости, по оној на Кристијан Бентеке против Кристал палас, во март 2016 година (95,10 минута). Погодокот на Бекер е и прв за голман постигнат со глава по формирањето на Премиер-лигата во 1992 година.
Бекер е шестиот голман што постигнал гол во Премиер-лигата. Претходно тоа им успеало на Петер Шмајхел, Бред Фридел, Пол Робинсон, Тим Хауард и на Асмир Беговиќ.
Данецот Шмајхел е првиот голман што може да се пофали дека постигнал гол во Премиер-лигата, во дресот на Астон вила во 2001 година, на мечот на гости против Евертон (2-3). Шмајхел, кој се прослави во Манчестер јунајтед, даде импресивни 13 гола во кариерата, а најпознат е израмнувачкиот на мечот Манчестер јунајтед – Ротор Волгоград, во Купот на УЕФА, во 1996 година.
Американецот Бред Фридел постигна гол за Блекбурн на гостувањето против Чарлтон, во 90-та минута, по корнерот за израмнување (2-2). Но веднаш потоа, во следниот напад прими гол и неговиот тим загуби со 2-3.

Пол Робинсон ја погоди мрежата на Вотфорд од слободен удар од голема далечина во завршните минути, за победата на Тотенхем (3-1) во 2007 година. Робинсон постигна гол и за Лидс против Свиндон, во Карлинг-купот во 2003 година.
Уште еден Американец, Тим Хауард, голманот на Евертон, му даде гол на Болтон во 2012 година, со удар од шеснаесетникот и со помош на ветерот, но „карамелите“ загубија со 1-2. Хауард подоцна рече дека не сакал да го прослави голот поради почит кон колегата Адам Богдан.
Босанецот Асмир Беговиќ постигна гол за Стоук против Саутемптон по само 13 секунди од натпреварот во 2013 година. Силниот ветер ѝ „помогна“ на топката да отскокне, да забрза и да заврши во мрежата на Артур Боруч.