Кај утрешниот противник на Македонија на СП 2019, организаторот на играта Хусеин Алсајад е прво име кога станува збор за играта во нападот, креацијата, реализацијата и играта под притисок. Под влијание на исландските стратези, Бахреин игра одбрана во формација 6-0, а во одредени ситуации ја менува во 5-1 и во 4-2

Во втората декада од 21 век ракометарите на Бахреин станаa втората најдобра репрезентација во Азија. На последните неколку големи континентални натпреварувања, утрешниот (14 часот) противник на Македонија на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска, се закити со сребрените медали на шампионатите на Азија во 2014, 2016 и 2018 година, како и на Азиските игри во 2018 година.
Во тие финалиња Бахреин загуби од катарската репрезентација, против која најтесно беше минатата година, кога во финалето на Азиските игри во Џакарта одигра нерешено во регуларните 60 минути, па загуби по продолженијата.

За да го подобри квалитетот на својот национален тим, Бахреинската ракометна федерација (БХФ) по Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 година ангажира исландски ракометен стручњак, Гудмундур Гудмундсон. Со него на чело Бахреин како полуфиналист во Азискиот шампионат во Јужна Кореја обезбеди пласман на Светското првенство. Меѓутоа веднаш по обезбедениот пласман, Гудмундсон ја напушти клупата на Бахреин и застана на чело на својот Исланд, а неговото место го наследи неговиот сонародник Арон Кристјансон.

Со двајцата исландски стратези, бахреинскиот национален тим направи голем чекор напред кога е во прашање модерен пристап на ракометната игра. Слично како и Јапонија, Бахреин во голема мера ја раководи играта со европско-скандинавски стил. Тие играат со многу дисциплина во нападот, а во голема мера ја подобрија и играта во одбраната, сето тоа благодарение на исландското влијание и нивната желба за напредок.

Репрезентацијата на Бахреин е составена од ракометари што настапуваат на шампионатот на Бахреин и во првенството на Саудиска Арабија. Организаторот на играта Хусеин Алсајад (30) е прво име во селекцијата кога станува збор за играта во нападот. Од него зависи креативноста во играта, како и индивидуалната реализација кога е во прашање игра под притисок (пасивна игра). Веднаш до него е универзалниот бек Али Мерза (30), кој е одличен во играта „еден на еден“, а, исто така, одличен е и во шутот од девет метри.

Значајна улога во нападот на Бахреин има и крилото Хасан Ал Самахиџи (27), а треба да се обрне внимание и на пикерот Хасан Алфардан (30), кој може да направи сериозни проблеми на линијата од шест метри. Главен недостиг на бахреинскиот напад е отсуството на леворак ракометар на позицијата десен бек, со што во голема мера му е намалена можноста за солидна реализација од таа позиција. Меѓутоа треба да се напомене дека на голот на репрезентацијата имаат еден од најдобрите голмани во Азија, Али Кхамис (22).

Под влијание на исландските стратези, Бахреин игра одбрана во формација 6-0, во која централна улога имаат Мохамед Абдулреда и Хасан Мадан, а во одредени ситуации знаат да ја променат формацијата во 5-1 и во 4-2.

Во подготвителниот период пред СП, Бахреин одигра три контролни натпревари, од кои два со заедничкиот ривал од групата Б, Исланд, и двата ги загуби (19-36 и 24-36), а во третиот славеше убедлива победа во дуелот со Грција (27-21).

За Бахреин, СП во Германија и во Данска ќе биде трет настап на мундијалите, на кои во претходните два настапа заврши на 23-то место, прво пред Ангола, а потоа и пред Австралија.