Шпанците пред својата публика во „Блауграна“ одиграа маестрално против Целје, славејќи со дури 23 гола разлика, 45-21!

По неочекуваниот пораз во 1-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ) на гости кај унгарскиот вицепрвак Сегед (31-28), ракометарите на Барселона пред својата публика во „Блауграна“ одиграа маестрален натпревар против словенечкиот првак Целје, славејќи со дури 23 гола разлика, 45-21 (21-13)!

За шпанскиот гигант ова беше втор најефикасен натпревар во историјата на ЛШ. Претходниот го имаа во сезоната 2009/2010 против данскиот првак Колдинг, кој беше совладан со 46-36. Овој ефикасен меч доаѓа како продолжение на ланските дуели, кога Барселона го имаше најефикасниот напад и беа единствените што дури на четири меча постигнаа повеќе од 40 гола. Од нив, два беа на гостински терен кај Кристијанстад (44-25) и кај Киелце (42-36), а два на свој терен, над Мешков (41-32) и пак, над Кристијанстад (43-26).

Словенечкиот централен бек Миха Зарабец беше креаторот на победата на германскиот вицепрвак Кил над унгарскиот шампион Веспрем (37-31), во која одлична реализација имаа бековите на Кил, Харалд Раинкинд (8 гола), Никола Билик (7) и пикерот Хенрик Пекелер (7), додека, пак, во одбраната доминираа Патрик Винчек и Павел Хорак, дополнети со одличниот голман Никлас Ландин.

Победа на гостински терен во 2-то коло забележа и францускиот вицепрвак Монпелје кај белорускиот првак Мешков (25-27). Сигурни дома беа шпанскиот, португалскиот и полскиот вицепрвак. Бидасоа Ирун убедливо славеше над финскиот првак Кокс (34-19), Спортинг лесно го сопре словачкиот шампион Татран (32-24), а Висла славеше над швајцарскиот првак Кадетен (27-23).