Магнус Висландер

Шве­ѓа­не­цот во сво­ја­та ка­ри­е­ра игра­ше и на цен­трал­на­та бе­ков­ска и на пи­кер­ска­та по­зи­ци­ја и по­ве­ќе го­ди­ни бе­ше еден од нај­до­бри­те во репрезентацијата, со која освои шест златни медали (две злата од светските првенства, а четири од европските шампионати)

РАКОМЕТ – ЛИСТА НА ШПАНСКИОТ ДНЕВЕН СПОРТСКИ ВЕСНИК

Во отсуство на спортски настани, поради пандемијата на коронавирусот, шпанскиот спортски весник „Ас“ направи листа на најдобрите ракометари на сите времиња. На врвот на листата се најде Швеѓанецот Магнус Висландер, кој во својата кариера играше и на централната бековска и на пикерската позиција и повеќе години беше еден од најдобрите во шведскиот национален состав.

Зад себе има 13 медали со репрезентацијата на Шведска, од кои шест се златни. Двапати бил прогласен за играч на годината на Шведска (1986 и 1990 година), еднаш за играч на годината во Германија (2000) и шест години по ред за најдобар играч на Кил (од 1994 до 1999 година).
Втората позиција му припадна на актуелниот тренер на Киелце, Талант Душебаев, кој својата ракометна кариера ја градеше како репрезентативец на СССР и на Шпанија и член на ЦСКА Москва, Кантабрија, Либек, Минден и Сиудад Реал. Тој е еден од ретките во ракометниот спорт што успеале да дојдат до титула во Лигата на шампионите и како играч (со Сиудад Реал, двапати) и како тренер (Киелце).

На третата позиција во изборот на шпанскиот весник е југословенската ракометна легенда Веселин Вујовиќ. Тој беше лидер на тимот на Металопластика, која двапати ја освои титулата во Купот на европските шампиони (КЕШ) во 1985 и во 1986 година, а истиот успех го повтори и со Барселона во 1991 година. Како репрезентативец на Југославија има трофеи и од олимписките игри и од светските првенства. Вујовиќ е првиот што од Светската ракометна федерација (ИХФ) е прогласен за ракометар на годината (1988 година).

На четвртото место е германскиот централен бек Ерхард Вундерлих, а на петтото место заврши хрватската ракометна легенда Ивано Балиќ. Потоа следуваат единствениот уште активен меѓу легендите, францускиот лев бек Никола Карабатиќ, романскиот организатор на игра Василие Стинга, шпанскиот лев бек и актуелен тренер на Нант, Алберто Ентрериос, француската легенда Џексон Ричардсон и единствениот десен бек во изборот, Кореецот Јон Кјунг Шин, кој седум сезони (во 1997, 1999, 2000, 2001, 2002, 2004 и 2007 година) беше најдобар стрелец во германската Бундес-лига и најдобар стрелец на три светски првенства (во 1993, 1995 и 1997 година).