Во средината на март, најдобриот стрелец од ЕП 2018 беше избран за нов претседател на Чешката ракометна федерација и по завршувањето на тековната сезона ќе ја преземе новата функција

На крајот на мај ќе го затворам поглавјето како играч и ќе се преселам во мојата претседателска канцеларијата во Прага. Се надевам дека ќе можам да го издигнам чешкиот ракомет, изјави за интернет-страницата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) најдобриот чешки ракометар, капитен и лидер на таа репрезентација, Андреј Здрахала (37 год), кој по завршувањето на тековната сезона ќе ја преземе функцијата претседател на Чешката ракометна федерација.
Со Здрахала на чело, чешката ракометна репрезентација го забележа својот најголем успех на европските првенства (ЕП), во претходните 20 години, со шестото место на континенталното првенство во Хрватска во 2018 година, а на минатото ЕП во 2020 година во Австрија, Норвешка и во Шведска го освои 12-то место, кое им донесе пласман на Светското првенство (СП) во Египет. Меѓутоа поради коронавирусот селекцијата на Чешка беше принудена да се повлече од тоа СП, а потоа следуваше оставка на првиот човек на Чешката федерација, Јарослав Чвални, и на селекторите Даниел Кубеш и Јан Филип.

Во средината на март, најдобриот стрелец од ЕП 2018, Здрахала, беше избран за нов прв човек на Чешката ракометна федерација, а Растислав Тртик беше именуван за привремен селектор. Пред неколку недели, Чешка одигра три натпревари од квалификациите за ЕП 2022, во кои забележа една победа, над Фарски Острови (28-20) и реми и пораз со Русија (27-27, 27-28).
– По шокот во јануари, за претстојните три дуели од квалификациите, формиравме два тима, кои во „меур-систем“ се сместени во два различни хотели, така што доколку се појави позитивен случај да може да имаме нов играч да се уфрли во тимот. Селекторот Тртик намерно повика повеќе играчи од вообичаеното, за да има безбедна бројка – изјави Здрахала.
Тој вели дека ова е голем предизвик и дека желба на сите е пласман на ЕП.
– Доколку се пласираме на ЕП 2022, натпреварите би ги играле во Братислава. Имаме одличен однос со словачкиот ракомет и ако биде дозволено многу гледачи би дошле да нѐ поддржат – вели Здрахала, кој рече дека повторно ќе го облече репрезентативниот дрес на Чешка, но на трибините, како навивач и претседател, но не како играч.