Репрезентацијата на САД во јануари беше на тренинг-камп во Шведска

На чело на тимот, како директор задолжен за промоција и за развој на ракометната игра во САД, е прославениот шведски ракометар Стафан Олсон, двоен светски и четирикратен европски првак со репрезентацијата на Шведска

Почна да раѓа плод заложбата на Светската ракометна федерација (ИХФ) за популаризација на ракометот во земјите каде што е помалку развиен. Соединетите Американски Држави (САД) веќе наголемо почнаа со планови и проекти за популаризација и за развој на ракометот. Пред три дена, на официјалната страница на ракометната селекција на САД беа објавени долгорочни стратегиски планови и програми со кои ќе се промовира овој спорт.

На чело на тимот, како директор задолжен за промоција и за развоја на ракометната игра во САД, е прославениот шведски ракометар Стафан Олсон, двоен светски и четирикратен европски првак со репрезентацијата на Шведска, кој трипати бил и олимписки вицешампион. Селектор на сениорската репрезентација е неговиот сонародник Роберт Хедин, некогашен селектор на Норвешка, а како играч европски првак од 1994 година и освојувач на две олимписки сребра.

Како една од првите точки во нивниот план е вклучување на ракометот во училиштата каде што децата уште од најмали нозе ќе се запознаат со убавините и со тајните на ракометната игра, а исто така и формирање школски лиги по примерот на кошарката, фудбалот, бејзболот, американскиот фудбал… во основните и во средните училишта, и на колеџите.

Нивна цел е и формирање квалитетна ракометна селекција, која ќе ги брани боите на САД на Летните олимписки игри во 2028 година во Лос Анџелес. За поголема мотивираност на патот кон создавање квалитетен професионален тим, САД предвидува и стипендии за најдобрите ракометари.

Како дел од заложбите на ИХФ за зголемување на популарноста и квалитетот на ракометот во САД, е и приклучувањето на годинашниот победник на клупскиот шампионат во Северна Америка, американскиот тим Њујорк сити, на Светското клупско првенство, Суперглоуб, што се играше во проширен формат, со 10 екипи (претходно играа по осум).