Поранешниот играч и капитен на Вардар, Стевче Алушовски (47) ќе биде тренер на најтрофејниот македонски ракометен клуб. Тој на функцијата ќе го замени спортскиот директор на Вардар, Едуард Кокшаров, кој беше назначен за вршител на должноста откако клубот се раздели со Шпанецот Давид Писонеро.

Алушовски последен пат бил дел од ракометниот клуб Вардар пред една деценија, во 2010 година кога го одигра последниот натпревар во црвено-црниот дрес. Со екипата на Вардар има освоено 11 трофеи, шест во првенството на Македонија и пет во Купот на Македонија. Во 2004 година беше избран за најдобар ракометар на Македонија.

– Голема чест и вистински предизвик е да се биде предводник во клубот што зад себе има две шампионски титули во три години. Клубот во кој играв 10 години, бев капитен и освоив вкупно 11 титули секогаш имал големо место во моето спортско срце. Верувам дека ќе продолжиме на победничкиот пат. Размислуваме како подобро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната. Се надевам повредите и малерите ќе не одминат и ќе можеме да ја оствариме зацртаната цел. Секогаш е тешко да се одбрани она што е освоено, но имаме позитивна мислам и добра мотивација – изјави Алушовски.

Во спортската кариера има настапувано за Пелистер, Преспа Јафа промет, Вардар и за Металург. Има и три настапи за младинската репрезентација на СФРЈ. Со репрезентацијата на Македонија играше на ЕП 1998 во Италија, на СП 199 во Египет, на СП 2009 во Хрватска и на ЕП 2012 година во Србија кога Македонија го освои петтото место.

Вардар е третиот клуб во тренерската кариера на Алушовски, откако претходно работеше во Битола, во Пелистер и Еурофарм Работник.