Фото: Игор Бансколиев

Алкалоид е најновиот ракометен клуб кој се појавува на ракометната сцена на Македонија, откако денеска и официјално беше формиран во најтесна соработка на оваа моќна компанија и брендот КЛ7 претставен од актуелниот капитен и селектор на македонската репрезентација Кирил Лазаров. Приоритет на Алкалоид, кој ќе настапува од најниското натпреварувачко скалило, а тоа е Првата лига на Македонија, ќе биде работа и унапредување на младите ракометари, кои би созревале низ годините и потоа би се наметнале како идни репрезентативци.

– Повод на денешната средба е формирањето на ракометниот клуб Алкалоид, со одлука на УО на компанијата, кој изрази желба да настапува во Првата машка ракометна лига. Се решивме за ваква стратегија оти мислиме дека е место каде се кршат копјата и се кали челикот кога станува збор за млади ракометни надежи. Нашата цел е тие млади таленти кои ќе покажат желба и потенцијал, правилно да ги насочиме и моделираме според дефинираниот систем на функционирање, правилна работа и вистински спортски и животни вредности. Значи регрутирање, градење и насочување на млади македонски ракометни таленти. Цврсто ќе настојуваме да се промовираат позитивните вредности интергритетот и кредибилитетот на целокупното работење – рече претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Функцијата претседател на клубот му е доверена на Горан Минов, поранешен ракометар, како и член на менаџерскиот тим на Алкалоид.

– Би сакале да ве запознаеме со визијата и оперативното работење на РК Алкалоид. Овој клуб ќе биде концепиран како и поголемиот дел од врвните европски клубови. Приоритет ќе биде квалитетен тренажен процес за младите македонски ракометари. Наша цел е модерен ракомет и издигнување на оваа игра на највисоко ниво. Факт е дека во земјава има многу деца кои сакаат да тренираат, кои имаат квалитет. Наша цел е со специфични тренинзи и методи на работа, тие млади надежи кои ќе ги регрутираме да прераснат во квалитетни ракометни играчи – потенцираше претседателот на клубот Горан Минов.

Партнер на клубот во овој потфат е ракометниот бренд од светски размери кој поседува огромно ракометно знаење и искуство, Кирил Лазаров.

– Ова е ракометен проект за добробит на нашата држава. Чест и задоволство ми е што сум дел од овој проект, каде главната улога ќе ја носи една светски призната компанија како што е Алкалоид. Ќе работиме заедно, а моето искуство кажува дека за да се оформи квалитетна база на млади спортисти, најважно е да се работи квалитетно со млади играчи. Сите заеднички треба да дадеме се за да изградиме нови македонски репрезентативци кои во иднина ќе го носат националниот дрес. Многу полесно ќе ни биде ако почнеме од сега да размислуваме на тој начин, од вакви проекти ќе изградиме добра база на играчи за да не стравуваме за иднината за наредните 15 години. Приоритет ќе биде да се овозможат квалитетен стручен кадар и квалитетен тренажен процес. Спремни сме за соработка и со другите клубови, се со цел за доброто на македонскиот спорт и да напредуваме, да го имаме она што сите го посакуваме, а тоа е квалитетна национална селекција – нагласи Кирил Лазаров. Г.И.