Јуниорите тргнуваат кон врвот на дивизијата Б

156

На шампионатот на ЕХФ, дивизија А, Македонија е во група со Украина, Швајцарија, Велика Британија и со Италија, од каде што првопласираните две ќе играат во полуфиналето, а потоа победникот на шампионатот ќе се пласира на наредното ЕП во младинска конкуренција

Македонската машка јуниорска репрезентација за ракометари до 20 години ја одработува последната фаза од подготовките за настап на шампионатот на ЕХФ од дивизијата Б, кој од четврток до 29 јули треба да се одигра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Избраниците на селекторот Данило Брестовац во изминатиот период одработија десетдневни подготовки, а одиграа и два контролни натпревара со Црна Гора.
– Одработивме добри подготовки, во кои момците максимално се вложуваа во извршувањето на поставените задачи. Во натпреварите, како и што очекував, имавме проблем со слаба реализација, но, сепак, позитивно е тоа што лесно доаѓавме во позиција за гол. Како и да е, натпреварите со Црна Гора дојдоа во вистински момент, за да можеме да ги согледаме недостатоците во нашата игра. Токму на тој план, следните неколку дена ќе ги искористиме за да ги направиме финалните корекции во играта, а наедно ќе работиме и на уигрување на акциите за напад и тактичката поставеност на одбраната – изјави Брестовац.

Македонските јуниори во двата меча беа подобри од врсниците од Црна Гора, првиот меч го добија со 31-29, а вториот со 29-27. На шампионатот Македонија ќе игра во групата Б, каде што противници ќе ѝ бидат Украина, Швајцарија, Велика Британија и Италија. Во групата А, пак, ќе играат Белорусија, Финска, Фарски Острови, Грција, Литванија и Естонија.
Најдобропласираните две селекции од групите ќе обезбедат учество во полуфиналето на турнирот. Само победникот на шампионатот ќе се пласира на наредното Европско првенство во младинска конкуренција.
Во првото коло, в четврток, во 20 часот, Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Велика Британија.