Јиха: Ракометот оди напред, не играат имињата

444
Филип Јиха

Потребно е најдоброто да се даде на терен. Норвешка и Шпанија се фаворите за европската титула, рече славниот чешки ракометар Филип Јиха, сега тренер на германскиот бундеслигаш Кил

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Поранешниот чешки репрезентативец, а сега актуелен тренер на германскиот бундеслигаш Кил, Филип Јиха, допатува во Виена да ги следи мечевите од главната фаза на Европското првенство (ЕП) во ракомет. Од големите ракометни нации, Франција и актуелниот олимписки и светски првак Данска се елиминирани, не стигнаа до главната фаза и сега се кристализираат селекциите во борба за златото.

– Ракометот оди напред, видовте, не играат имињата, потребно е најдоброто да се даде на терен. Норвешка и Шпанија се фаворите за титулата – рече Јиха.
Тој на европските првенства постигнал 131 погодок, а трет е според бројот на одиграни мечеви воопшто за Чешка, која на ова ЕП се пласира во главната фаза. Мотивираната игра е она што ја краси селекцијата предводена од селекторското дуо Јан Филип и Даниел Кубеш.

– Со пласманот во главната фаза, ова ЕП го сметам за успешно. Пријатно сум изненаден од играта на чешката репрезентација, тие играа како тим, се бореа пожртвувано за секоја топка и дадоа сѐ од себе. Има толку млади играчи што никогаш не играле на ваков настан, а и покрај тоа успеаја да одиграат на високо ниво. Сакам да им се заблагодарам што нѐ направија горди на овој шампионат – вели Јиха.
ЕП првпат се игра во три земји, се зголеми бројот на учесници.

– Новиот систем можеби е подобар за „малите“ нации, но сигурно е поголем проблем за фаворитите. Играчите ќе бидат уморни и очекувам да почнат да калкулираат со формата, а и квалитетот на мечевите ќе опадне – вели тој.


„Билик и Сагосен се играчи на иднината на европскиот ракомет“

Микола Билик (23) и Сандер Сагосен (24) се играчи на иднината на европскиот ракомет. Билик има сѐ да биде одличен ракометар и јас сум среќен што имам можност и уживам да работам со него во Кил. Знам што сѐ е подготвен да направи, игра одлично на ова првенство и е еден од носителите на играта на австриската репрезентација, која ја сметам за едно од пријатните изненадувања на шампионатот, вели Филип Јиха.


„Кирил Лазаров е вистинска светска легенда“

Две сезони некогашниот чешки ракометен репрезентативец Филип Јиха (37) и капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров ја делеа соблекувалната во шпанскиот клуб Барселона, триумфирајќи во шпанската АСОБАЛ лига и во Купот на Шпанија.
– Лазаров е вистинска ракометна легенда, не само во Македонија туку во светот – вели Јиха.


Циндриќ: Денес сите играат добро, нема лесни натпревари

Циндриќ во карактеристичен продор

Хрватската ракометна репрезентација во Виена продолжи онаму каде што застана во Грац на тековното Европско првенство (ЕП). На првиот натпревар во главната фаза против Австрија „коцкестите“ славеа со 27-23, запишувајќи ја четвртата победа во низа на шампионатот.
– Најважна е кондициската подготовка. Првенството е долго, потребна ни е долга клупа, и се надевам дека од натпревар во натпревар ќе играме сѐ подобро. Не се оптоваруваме со фаворитската улога, ги знаеме нашите квалитети, имаме своја цел и тоа е наша предност. Сите се надеваме на медал, но има доста добри репрезентации, видовме дека Данска и Франција се елиминирани, денес сите играат добар ракомет и нема лесни натпревари – вели Лука Циндриќ.
Пред Хрватите е најзначајниот меч во групата, против Германија, која загуби од Шпанија и нема право на кикс. Домагој Дувњак, кој игра во германскиот Кил, добро ги познава Германците. Прашање е кој е лимитот на хрватскиот состав.
– Ќе видиме денеска, многу е важен натпреварот со Германија, доколку победиме, ќе бидеме многу блиску до финалето. Тие се одлична селекција, игравме лани со нив, добро ги познаваме и мора да одиграме на високо ниво. На сите ни е јасно што ќе значи победата на овој меч. Очекуваме, исто така, силна поддршка од трибините, тие се ветар во грбот и навистина кога ќе западнеме во некоја „црна дупка“ успеваат да нѐ извлечат – рече Дувњак. М.П.


Кун заклучен во соблекувалната

Бизарни сцени се случија на полувремето од мечот Германија – Белорусија во германската соблекувална. Бекот Јулиус Кун беше заклучен во соблекувалната, а германскиот селектор воопшто не го забележал тоа.
– Бев последен во тоалетот, а потоа кога сфатив што се случува, панично реагирав и почнав да тропам на вратата. За среќа, надвор имаше човек од обезбедувањето, кој ми ја отвори врата – раскажа Кун.
И додека селекторот не го забележал неговото отсуство, спортскиот директор на репрезентацијата Рогиш му се извинил на Кун. М.П.

Словенија е последната селекција што ја победи Шпанија на ЕП

Со победата над селекцијата на Чешка во првиот меч од главната рунда (31-25), репрезентацијата на Шпанија стана рекордер според бројот на победи во низа на европските првенства (ЕП). За „црвената фурија“, ова беше седма победа во низа ЕП. На ЕП 2018 Шпанија загуби од Словенија, а потоа почна победничката серија со триумфот над Германија во последниот меч од главната фаза. Потоа во полуфиналето Шпанците ја совладаа Франција, а во финалето беа подобри од Шведска. Нивната низа продолжи и на актуелното ЕП што се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска, каде што во групната фаза славеа над Летонија, Холандија и над Германија, а серијата ја продолжија и во главната рунда, со триумфот над Чешка. Денешен противник на избраниците на селекторот Жорди Рибера ќе биде Австрија. Та.Д.

Чиј гол е во најсигурни раце?

Голманскиот двоец на Шпанија, Родриго Коралес и Гонзало Перес де Варгас, има најмногу одбрани (57 вкупно) во досегашниот тек на Европското првенство (ЕП) што се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Втор е голманскиот тандем од Шведска, Андреас Паличка и Михаел Апелгрин, со 44 одбрани. Најдобар индивидуален ефект од 35 одбранети удари има голманот на Хрватска, Марин Шего, а една одбрана помалку има данскиот чувар на мрежата Никлас Ландин. Унгарскиот голман Роланд Миклер и голманот на Белорусија, Вјачеслав Салдатенка, се најуспешни во одбраните на ударите од седум метри. И двајцата имаат по пет одбранети седмерци. Миклер одбранил пет од осум удари, а Белорусинот пет од 11 шута. Та.Д.