Јиха и како тренер собира индивидуални награди

78

РАКОМЕТ – ГЕРМАНИЈА

Раководството на германскиот ракометен гигант Кил направи вистински избор за стратегиската позиција во тимот, бидејќи наследникот на искусниот Алфред Гисласон, Чехот Филип Јиха во својата дебитантска сезона како предводник на „зебрите“ е избран за тренер на сезоната 2019/2020 во германската Бундес-лига. Пред десет години, Јиха како ракометар на Кил беше избран за играч на сезоната во германската Бундес-лига и првиот ракометар што е прогласен за МВП во Бундес-лигата во 2010 година, а во следните четири години (2011, 2012, 2013, и 2014) беше прогласуван за најдобар играч на Кил.

– Признанијата од колегите ми ласкаат. Но за мене најважни се вистинската работа и напредокот на моите играчи и тимот – изјави Јиха по добивањето на признанието.
Чехот својата тренерска работа ја почна минатата сезона како помошник на Гисласон на клупата на Кил, кога со освојувањето на Купот на ЕХФ го најави враќањето на Кил во елитата. Во својата дебитантска сезона како прв стратег на Кил, Јиха стигна до својата прва, а за Кил 21. шампионска титула, а исто така имаа одлично враќање и во Лигата на шампиони, освојувајќи ја првата позиција во групата Б, која поради прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот им обезбеди директно место на фајналфорот во Келн како една од четирите најдобро пласирани екипи што ќе играат за европската титула.

Од 2007 до 2015 година, Јиха беше член на Кил, кој тогаш како активен играч замина со 20-та шампионска титула, а сезонава како тренер се најави со 21-та шампионска титула за Кил.