Чакарески: Ракометот заслужува поддршка од државата

234

Во Струга, на отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“, од 15 до 20 август по 46-ти пат ќе се одржи традиционалниот ракометен турнир на Балканот, во пресрет на новата сезона.

Во петте дена од турнирот ќе се одиграат 17 натпревари, меѓу кои и мечот од Суперкупот на Македонија, меѓу првакот Вардар и вицепрвакот Металург, на 18 август.
– Kако стружанец особено сум горд што ракометот се враќа на голема врата во овој град. Исто така, како претставник на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), морам да истакнам дека сум особено задоволен што се реализира мојата идеја Суперкупот меѓу Вардар и Металург да се игра на отвореното игралиште во Струга, во рамките на турнирот. РФМ постојано ги поддржува ваквите настани, кои придонесуваат за развојот на ракометот и затоа сакам да упатам апел до Агенцијата за млади и спорт (АМС), Струга и другите ракометни центри во државата да се поддржат инфраструктурно, бидејќи Македонија како ракометна нација заслужува таква поддршка и промоција.

Во Струга ракомет тренираат повеќе од 300 момчиња и девојчиња, а Струга е еден од ретките градови што не добија спортска сала во акциите спроведени од државата. Струга е спортски град, најмногу ракометен, и затоа стружани заслужуваат да имаат свој ракометен дом – истакна директорот на македонската ракометна репрезентација, Милчо Чакарески, на прес-конференцијата по повод 46-от ракометен турнир во Струга. Во рамките на турнирот ќе продефилираат шест интернационални и две македонски екипи, кои ќе бидат поделени во две групи.
Во групата А ќе играат словенечкиот шампион Целје, турскиот првак Бешикташ, францускиот Тулуз и битолскиот Еурофарм Работник.

Во групата Б ќе бидат романската Доброгеа Суд-Констанца, шведскиот Алингсас, српскиот вицепрвак Железничар и домаќинот на турнирот, Струга.