Холандија четири години жнее медали, сега има и светско злато

265

Холандскиот ракометен подем почна на СП 2015 и оттогаш на секое СП и ЕП Холанѓанките освојуваат медал. Сите репрезентативки играат во странство, селектор е францускиот стратег Мајонаде, негова асистентка е поранешната руска репрезентативка и светска првенка Андрушева, а тренерка на голманките е прославената норвешка голманка Рантала

Селекцијата на Холандија е новиот светски женски ракометен првак. Во драматичното финале на 24-то Светско првенство (СП) за жени што се играше во Јапонија, селекцијата на Холандија со пенал во последната секунда ја победи Шпанија со 30-29 (16-13).
Шпанките долго ќе го паметат овој пораз, бидејќи на 30 секунди до крајот имаа напад за победа при 29-29, но по една почетничка грешка им беше досуден црвен картон и пенал за Холанѓанките, кој на „лалињата“ им ја донесе прва светска титула во својата историја. Еставана Полман со девет гола беше лидерка во нападот на Холандија, а одличната голманка Тес Вестер (12 одбрани) беше главниот столб на холандската одбрана.

Освојувањето на титулата светски првак е круна на холандската ракометна експанзија што почна пред четири години на СП во Данска, кога „лалињата“ првпат стигнаа до финалето и до својот прв медал на големите натпредувања, сребро. Оттогаш Холандија е редовен учесник во трките за медали на големите натпреварувања. На ЕП во Шведска во 2016 година Холанѓанките беа вицепрваци, на СП 2017 во Германија и на ЕП во Франција во 2018 година освоија бронза, а на дебито на Летните олимписки игри во Рио, во 2016 година, завршија на четвртото место.

Холандија нема силна лига и силно домашно првенство и ниту една од холандските репрезентативки не е дел од домашниот шампионат. Повеќето од нивните репрезентативки (осум) играат во германската Бундес-лига, шест се дел од скандинавските тимови и по една од францускиот, рускиот и од унгарскиот шампионат. На чело на холандскиот стручен штаб е францускиот стратег Емануел Мајонад, негова прва асистентка е поранешната руска репрезентативка и светска првенка Екатерина Андрушева, а тренерка на голманките е прославената норвешка голманка Рене Рантала.

Бронзениот медал заврши кај селекцијата на Русија, која во мечот за третото место славеше над вицепрвакот од претходниот Мундијал, Норвешка, со 28-22. Холанѓанката Еставана Полман беше прогласена за најкорисен играч (МВП) на СП 2019, а титулата најдобар стрелец ѝ припадна на нејзината сонародничка Лиос Абинг, која постигна 71 гол. Место во олстар-тимот на 24-то СП во Јапонија добија левото крило на Норвешка Камила Херем, левиот бек на Шпанија Александра Кабел Барбоса, централниот бек на Холандија Еставана Полман, десниот бек на Русија Ана Вјахкиева, десното крило на Црна Гора Јованка Радичевиќ, пикерката на Шведска Лин Блом и холандската голманка Тес Вестер. 


УСПЕСИТЕ НА ХОЛАНДИЈА

СП 2015 сребро
ЕП 2016 сребро
СП 2017 бронза
ЕП 2018 бронза
СП 2019 злато