Хансен има можност да го надмине Карабатиќ и да стане рекордер

100

Данскиот лев бек досега трипати беше избиран за најдобар светски ракометар, а толку такви трофеи има и Карабатиќ. Покрај Хансен, во трка за признанието за 2019 година се и Ландин, Лауге Шмид, Сагосен и Циндриќ

РАКОМЕТ – ИЗБОР НА ИХФ НА НАЈДОБРИТЕ ЗА 2019 ГОДИНА

Како дел од прославата за одбележување на првата меѓународна недела на ракометот (од 12 до 18 јули), Светската ракометна федерација (ИХФ) на својата интернет-страница го најави изборот на најдобриот ракометар за 2019 година. За наградата најдобар светски ракометар во трка се Данците Микел Хансен (ПСЖ), Никлас Ландин (Кил) и Расмус Лауге Шмид (Фленсбург/Веспрем), потоа Норвежанецот Сандер Сагосен (ПСЖ), како и Хрватот Лука Циндриќ (Киелце/Барселона). Првпат во претходните 15 години во конкуренција нема француски ракометар.
Левиот бек на Данска, Хансен, ја има улогата на бранител на трофејот, чиј сопственик досега бил трипати (2011, 2015 и 2018 година), исто колку што има и Французинот Никола Карабатиќ (2007, 2015 и 2016 година). Хансен беше лидер на данската селекција, која на домашен терен стигна до својата прва светска титула, на СП 2019.

Со 72 гола тој беше најдобар стрелец и МВП на првенството. Хансен беше дел и од олстар-тимот во Лигата на шампионите во 2019 година и најдобриот тим во француската лига во која стигна до петтата клубска титула со ПСЖ.
Голманот на Кил, Ландин, беше главниот столб на одбраната на данската репрезентација на СП 2019 со најмногу одбрани на првенството (84) и највисок процент на одбранети удари (38 отсто). Лани Ландин со Кил ги освои Купот на ЕХФ и Купот на Германија.
Лауге Шмид беше моторот и организатор на играта на данската репрезентација на СП 2019 и се најде во најдобриот тимот на Мундијалот како најдобар централен бек, а беше и најдобар централен бек во Бундес-лигата. На крилата на централниот бек Сагосен Норвешка стигна до финалето на СП 2019. Сагосен беше дел од идеалната постава на Мундијалот со 51 гол и 48 асистенции, а беше прогласен за најдобар централен бек во француската лига за 2019 година.

Циндриќ со Хрватска беше шести на СП 2019 во Германија и во Данска, со полскиот првак Киелце стигна до фајналфорот на ЛШ, освојувајќи ја четвртата позиција и беше избран за најдобар централен бек во полскиот шампионат.
Љубителите на ракометот ќе можат да гласаат од денеска до 18 јули, а гласањето ќе се комплетира со гласовите на девет врвни ракометни тренери и девет ракометни експерти на ИХФ. Победникот треба да биде прогласен на 18 јули.