Финансиите се фундамент на добриот план

4688

Без разлика дали се финансирани преку општината, преку ваучер-системот или со нивна комбинација, клубовите треба да имаат предвид дека тоа се средства на даночните обврзници на државата и треба да се трошат контролирано, наменски и одговорно, а, од друга страна, државата мора да создаде механизам на контрола како се трошат тие средства и, што е уште поважно, треба да најде механизам за дополнително поттикнување на клубовите што негуваат млади македонски играчи и кои продуцираат играчи за националните селекции (јуниорски или сениорски)

АНАЛИЗА: ЗА МАКЕДОНЦКИОТ РАКОМЕТ 2.0 – ДЕЛ 3

Формирање квантитативна база деца што имаат желба да го практикуваат ракометот, тренери што ќе работат на „обликување“ на производот, инфраструктура што ќе овозможи услови за квалитетна работа, систем на натпревари, селекција, менторирање, сите тие делови од мозаикот наречен производство на квалитетен производ треба убаво да се испланираат или подредат за да функционира системот. Но, во реалноста, во основата за квалитетен спорт од фундаментално значење се финансиите со кои располага спортскиот клуб, федерација, државата. Од поодамна спортот бара сериозна финансиска конструкција, квалитетен план и конзистентност во неговото спроведување.
Во минатото, во еден друг систем на уредување, за финансирање или поддршка на спортот комплетно беше задолжена државата, но со распадот на поранешната СФРЈ и појавата на приватниот сектор, клубовите имаат можност и потреба да бараат поддржувачи и во приватниот сектор. Велам и во приватниот, затоа што и во последните триесетина години многу спортски клубови се финансирани од државата, на овој или на оној начин. Тоа секогаш доведувало до спротивставени мислења за исправноста за финансирање одредни клубови, фаворизирајќи ги во споредба со другите.

ДРЖАВАТА ГО ФИНАНСИРА СПОРТОТ ПРЕКУ ОПШТИНСКИ БУЏЕТ И Т.Н. ВАУЧЕР-СИСТЕМ

Последните години ракометот, и спортот воопшто, државата главно го финансира (секоја чест на исклучоците) преку општините и последните три-четири години преку т.н. ваучер-систем, што е сосема нормална ситуација и во високоразвиените земји – општината, градот или регионот да финансираат спортски колективи.
Што, всушност, значи ваучер-системот? Можност за финансирање спортски клубови, спортисти и федерации преку дел од данокот на добивка, каде што компанијата даночен обврзник ќе добие можност до 50 отсто од пресметаниот данок на добивка да инвестира директно во спортот, односно ќе може дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ѝ ја плати на државата, да ја вложи во спортски клуб или индивидуален спортист.
Без разлика на тоа дали се финансирани преку општината, преку ваучер-системот или со нивна комбинација, клубовите треба да имаат предвид дека тоа се средства на даночните обврзници на државата и треба да се трошат контролирано, наменски и одговорно, а, од друга страна, државата мора да создаде механизам на контрола како се трошат тие средства и, што е уште поважно, треба да најде механизам за дополнително поттикнување на клубовите што негуваат млади македонски играчи и кои продуцираат играчи за националните селекции (јуниорски или сениорски).
Доколку остане како што е ситуацијата во моментот, можеме да очекуваме на сцената да се појавуваат сѐ повеќе клубови што егзистираат исклучиво за и од ваучер-системот, клубови составени од еден или двајца луѓе (со повеќе функции од типот претседател, тренер, физиотерапевт итн.), одржувајќи го клубот на исклучиво и со една цел – реализација на ваучер.

Во моментов на ракометната сцена (и тоа не само онаа најсилната суперлига) имаме клубови што „трошат“ државни (општина и(ли) ваучер) средства со години, а не направиле систем на школи за ракомет, не негуваат младински селекции, не создале инфраструктура (тука повторно се чека на општините и општинските сали) и услови за работа. И што е најважно, не преферираат македонски играчи, односно за брз успех на сцената многу лесно ангажираат странски засилувања со сомничав квалитет.
Затоа државата, кога веќе инвестира во тие клубови и во спортот, мора да воспостави механизам – средствата што таа ги дава на овој или оној начин да се строго наменски за развој на македонски производ (претходно пишувавме како до него).
Тоа во никој случај не значи дека клубот нема право, со добар менаџмент, развиен маркетинг-сектор и промоција да привлече дополнителни средства и да ги инвестира во странски засилувања и на тој начин да биде поконкурентен на домашната сцена и во европските натпревари.
Тоа е начинот на кој функционираат и голем дел европски ракометни клубови, кои стимулирани од општина, град или регион имаат обврска добар дел од буџетот што го полнат преку државни средства да го инвестираат во самата општина, град или регион, на младите да им обезбедат можност за квалитетен развој, за напредок и спортување, а на повозрасните забава преку натпреварите. Инаку, која би била смислата за трошење средства што им припаѓаат на граѓаните на таа општина, град или регион?

ТРЕНИНГ-КОМПЕНЗАЦИЈА КАКО АЛАТКА ЗА ПОДДРШКА НА БАЗАТА НА МЛАДИ ТАЛЕНТИ

Покрај „државните пари“, спомнав и претходно дека клубовите (некои од нив во голема мера) се финансирани од приватен сектор, и тоа се луѓе што треба да ги негуваме и поддржуваме. Но како канал на финансирање во иднина матичната федерација треба да направи анализа и да донесе решение за начинот на тоа како да се финансираат оние мали клубови, школи или субјекти што функционираат исклучиво во младински категории преку системот на тренинг-компензација, средства што треба да ги добијат овие мали но исклучително важни клубови, клубови што работат со млади македонски таленти, кои подоцна завршуваат кај „големите риби“, без да се исплати денар обесштетување за нив.
Тренинг-компензацијата за секоја година помината како регистриран играч во пионерска, кадетска, младинска и евентуално сениорска конкуренција, со репрезентативен стаж или без него, не е нешто ново, фудбалот одамна го спроведува тоа кај нас.
На тој начин ќе се вреднува клубот што создава. А Македонија не е силна и моќна и финансиски силна држава за во континуитет да се справува со европските клубови, без притоа базата да бидат квалитетни македонски играчи, дополнета со квалитетни странски засилувања.

ДРЖАВАТА ДА ГО ФИНАНСИРА АМАТЕРСКИОТ, СТОПАНСТВОТО ПРОФЕСИОНАЛНИОТ СПОРТ

Но држава како Македонија, држава со ограничени ресурси од секој аспект, во никој случај не смее да си дозволи финансирање професионален спорт, напротив, треба да се финансира аматерскиот спорт, кој подразбира занимавање со спорт на голем квантитет деца од најмлада возраст, насочување на дел од нив кон одреден спорт и на тој начин пронаоѓање на „вистинските“ таленти, кои во иднина со сериозна работа ќе прераснат во врвни спортисти.
Професионалниот спорт ќе го финансира стопанството, компаниите што ќе најдат во спортот интерес за самопромоција и „билдање“ на брендот како општествено одговорни компании.
За таа проблематика во друга пригода.

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар