Уште Украина, па полуфинале

121

Јуниорската селекција од 18 часот игра со Украина, во меч од кој со еден бод Македонија ќе се пласира понатаму, а со победа ќе обезбеди дуел во полуфиналето со второпласираната селекција од групата А на ЕХФ-шампионатот, дивизија Б, во Скопје

Македонската машка јуниорска ракометна репрезентација го покажа своето вистинско лице и во мечот од 4-то коло на шампионатот на ЕХФ, дивизија Б во Скопје, одигра одличен меч против фаворизираната Швајцарија победувајќи ја со 30-24. Со оваа победа македонските јуниори се на прагот од пласман во полуфиналето, каде што последна пречка вечерва во групната фаза е Украина.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац уште од самиот почеток на натпреварот покажаа заби наметнувајќи цврста и агресивна игра во одбрана, која беше одлично дополнета со ефикасниот и конструктивен напад.

– Искрено, не очекував олку добра игра и лесна победа. Швајцарија не е слаб ривал, оваа иста генерација лани ја победи Македонија со 19 гола разлика на турнирот во Бугојно, а тој пораз беше дополнителен мотив и за играчите и за мене како селектор да одиграме на што повисоко ниво. Се надевав на триумф, но не очекував дека ќе биде олку убедливо. Кога тактички ќе влеземе дисциплинирано, тогаш сѐ функционира многу подобро – рече Брестовац.

За остварување на својата прва цел, пласман во полуфиналето, македонските јуниори најмалку што треба да направат е да останат непоразени во дуелот со Украина. Секој друг исход веројатно ќе значи елиминација и неуспех на македонскиот јуниорски национален тим.

Во досегашните три натпревари, Украинците забележаа победи над Италија (30-25) и над Велика Британија (20-16), а беа поразени од Швајцарија (25-28). Според прикажаната игра во досегашните три натпревари, главната опасност по македонскиот гол ќе доаѓа од линијата од шест метри каде што го имаат корпулентниот пикер од подмладокот на Мотор, Иван Бурзак, кој реализира 16 гола, а посебно внимание ќе треба да се стави на бековите Алексеј Шчербак (12 гола) и Владислав Залевски (осум) и двајцата од школата на Мотор, како и десното крило на Одеса, Владимир Кара (седум гола).