Успешно реализиран летниот камп на Ракометната академија Металург

149

Кампот помина во одлична работна атмосфера, за што најпрво сакам да ги пофалам децата, а исто така и тренерите за нивното залагање, одговорност и посветеност, со која работеа на тренинзите и надвор од нив, вели директорот на Ракометната академија Металург, Ристески

Заврши 13-то издание на летниот камп на Ракометната академија Металург, кој годинава се реализира на бреговите на Охридско Езеро, поточно во хотелот „Галеб“ во Струга. Околу 150 деца од Скопје, Прилеп, Кавадарци и од Виница тренираа, уживаа, се капеа и се забавуваа на најстариот летен ракометен камп во државава.

– Задоволни сме и среќни што успешно се реализира 13-то издание на летниот камп на Ракометната академија Металург. Кампот помина во одлична работна атмосфера, за што најпрво сакам да ги пофалам децата, за посветената работа и дисциплината за време на кампот, а исто така и тренерите за нивното залагање, одговорност и посветеност, со која работеа на тренинзите и надвор од нив – истакна директорот на Ракометната академија Металург, Тони Ристески.

Покрај напорните тренинзи на отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“ во Струга, во рамките на летниот камп децата на Металург одиграа и неколку меѓусебни натпревари во салата „Нико Нестор“ во Струга, а највозрасната група од генерацијата 2004/2005 одигра пријателски натпревар со пионерската екипа на РК Струга. Слободното време меѓу тренинзите беше искористено за прошетки низ градот и покрај брегот на реката Дрим, додека пак во вечерните часови слободното време на децата беше исполнето со забавни игри од натпреварувачки карактер во кои добиваа голем број награди.

Првпат дел од ракометниот камп на Металург беше тренерката Габриела Миленковска, која во минатото ги бранеше боите на Металург како дел од женската екипа.
– Ми претставуваше огромно задоволство и чест тоа што бев дел од тимот што го реализира 13-от летен ракометен камп на академијата Металург, успешен пред сѐ за децата, но и за нас неколкуте тренери што годинава станавме дел од големото семејство на Металург. Искуството со кое се стекнав на ова седумдневно тренирање и дружење е непроценливо и за мене и за дечињата на кои ова им беше прво учество на ракометниот спортско-рекреативен камп на Металург. Сите заедно трениравме, се забавувавме, се дружевме и се зближивме, а најбогатите искуства ги стекнаа децата, кои развија чувство на независност, доживувајќи многу авантури далеку од дома. Кампот им овозможи безбедна средина, каде што стекнаа самодоверба и нови вештини, кои во иднина ќе им помогнат да станат подобри личности и спортисти, а ние тренерите ќе имаме подобри играчи – истакна тренерката Миленковска по своето прво учество на кампот на Металург.