Ударите од далечина и пробивите се најсилните оружја на Исланд

223
Арон Палмарсон во акција

Селекцијата на Исланд негува типичен скандинавски стил на игра, со цврста одбрана, во формација 6-0, каде што главна алка и мотор на екипата е централниот бек Арон Палмарсон

Дуелот вечерва Македонија – Исланд (18 часот), веројатно ќе биде клучниот меч што ќе одлучува која од овие две селекции ќе продолжи во втората фаза на Светското првенство во ракомет, кое се игра во Германија и во Данска. Според некое непишано правило, дуелите помеѓу репрезентациите на двете земји речиси секогаш го носат предзнакот сѐ или ништо, без разлика дали станува збор за квалификациски мечеви за пласман на големите натпреварувања или за директни дуели што одлучуваат за понатамошен пласман на европските или на светските првенства.

Иако Исланд не е селекција од врвот на европскиот ракомет, тие, сепак, имаат одлични ракометари што можат и знаат да одиграат квалитетно, а тоа е и една од причините што е редовен учесник на сите големи натпреварувања. На ЕП 2018 Исланѓаните беа единствените, по европскиот првак Шпанија, кои му нанесоа пораз на вицепрвакот Шведска. Нивниот сериозен пристап кон играта го демонстрираа во последните квалификациски дуели со селекциите на Турција и на Грција над кои славеа сигурни и убедливи победи (32-22 и 35-21). Сигурна и квалитетна игра Исланд демонстрираше и во подготвителните мечеви за тековното СП во кои забележа четири победи (Бразил, Холандија и двапати над Бахреин) и еден пораз (Норвешка).

Селекцијата на Исланд негува типичен скандинавски стил на игра, со цврста одбрана, во формација 6-0, каде што главна алка и мотор на екипата е централниот бек Арон Палмарсон. Тој со својата ракометна луцидност прави сите околу него да играат подобро. Хендикеп на ова првенство им е неиграњето на ветеранот и најефикасен стрелец во селекцијата, левото крило Гудјон Валур Сигурдсон како и десниот бек Рунар Карасон, кои поради повреди го пропуштија 26-от ракометен Мундијал. Отсуството на Сигурдсон исландскиот стратег Гудмундур Гудмундсон го дополни со Бјарки Елисон и со Стефан Сигурмансон (15 гола заедно), а местото на Карасон го зазедоа Омар Магнусон и Теитур Еинарсон (11 гола вкупно).

Во досегашните три меча на шампионатот, десното крило Арнор Гунарсон и организаторот на играта Палмарсон се издвојуваат како најефикасни стрелци со 16, односно со 15 погодоци. Во бековската линија солиден придонес во реализацијата од девет метри дава и левиот бек Олафур Гудмундсон со 12 погодоци.

Според бројките по трите кола, реализацијата на ударите од далечина и пробивните влезови на шест метри се најсилното оружје на исландскиот состав. Македонија предничи во реализацијата на ударите од шест метри и има поголем број реализирани контранапади. Во досегашните мечеви македонските ракометари ги краси тимската игра зад која има 58 асистенции, за разлика од Исланд, кој со 15 исклучувања и шест жолти картони доминира со најгруба игра во групата Б.