Триумф за ново финале во Лигата на шампионите

449

Годинава да не биде заборавена традицијата се погрижија ракометарите на Вардар, кои во полуфиналето ја елиминираа славната Барселона, иако и во последните 15 минути губеа со седум гола разлика. Откако покажаа тимски дух, колективна верба во победа, балкански менталитет, но и спортска дрскост, вардарци во вчерашното финале играа со унгарски Веспрем

Наши известувачки од Келн
Јасминка Павловска
Сузана Митревска

„Ланксес арената“ во Келн, очигледно претставува место што ги „голта“ големите фаворизирани ракометни гиганти. На необјаснив начин, барем за добрите љубители и познавачи на ракометот, тука од 2010 година, всушност од кога и се игра фајналфорот во Лигата на шампионите (ЛШ) во машка конкуренција, често се случувале несфатливи големи пресврти.

А годинава, да не биде заборавена традицијата се погрижи повеќекратниот македонски шампион и европски првак од 2017 година, Вардар, кој во полуфиналниот дуел ја елиминира славната Барселона, осумкратниот европски првак, иако на полувремето, а и во последните 15 минути губеше со седум гола разлика. Така, во вчерашното попладневно финале Вардар играше со унгарски Веспрем (во кој игра и македонското лево крило Дејан Манасков), кој го совлада полски Киелце со 33-30.

Но очигледно чуда се случуваат, а желбата да се дојде до големото финале беше многу поголема кај избраниците на тренерот Роберто Парондо, отколку кај оние на Чави Паскал, кои, пак, седми, рекорден пат, беа дел од Келн.

– Многу сме среќни што успеавме да ја победиме Барселона и стекнавме шанса вторпат да ја освоиме шампионската титула во ЛШ. Многу грешевме во првите 30 минути, но во вторите се вративме во игра. Едноставно, на полувремето им реков на ракометарите да влезат на теренот како ние да водиме со два гола предност. Повредата на Карачиќ не изгледаше во прв момент добра, а ние немаме многу играчи на располагање – рече Парондо, по триумфот над Барселона.

Вардарци во саботното полуфинале, предводени од феноменалниот лев бек Данаис Кристопанс (10 гола) и голманот Дејан Милосављев (20 одбрани), покажаа невиден фанатизам, една невозможна мисија да стане возможна на патот да испише уште една историска победа, која ќе влезе во аналите на овој спорт како пример за тоа како да се добие практично загубен меч против шпанска ракометна машинерија, пребогата со европски трофеи, без разлика што направија во вчерашното попладневно финале со унгарски Веспрем.
Со тимски дух, колективна верба во победа, балкански менталитет, но и спортска дрскост, вардарци, ете, покажаа како се бранат боите на сопствениот дрес. Историја околу ваквите пресврти очигледно му се удвои на каталонскиот гигант, кој и во 2014 година, исто така, имаше шест гола предност против бундеслигашот Фленсбург на 10 минути до крајот, за потоа да ја прокоцка предноста и на крајот да загуби на пенали.

Во меѓусебниот скор Шпанците и понатаму се многу поуспешни од Вардар. Од вкупно 16 одиграни дуели во ЛШ, Барселона славела во 12, Вардар во три, а еден меч завршил без победник. Притоа Шпанците постигнале вкупно 488 гола (30,5 во просек), а примиле 404 гола (25,2). Што се однесува, пак, до финалистите Вардар и Веспрем, тие никогаш (до вчера), не се соочиле во финале. За црвено-црните ова беше второ финале, а Унгарците ги загубија сите три претходни финални настапи, а посебно она од Киелце во 2014 година, кога на 10 минути до крајот имаа шест гола предност, но по продолженијата загубија на пенали. Вардар против Веспрем (до финалниот дуел вчера) одиграл осум средби, еднаш победил (во 2018 година на гости, по што беше сменет тренерот Љубомир Врањеш), еднаш ремизирал, а шест пати загубил.


Парондо или Дејвис, Чупиќ или Илиќ?

Еден од двајцата поранешни играчи на Сиудад Реал, а сега тренери што се присутни во Келн, Роберто Парондо (Вардар) или Давид Дејвис (Веспрем), синоќа стана вториот што ја освои ЛШ, како играч и како тренер. Тие заедно настапуваа и триумфираа во 2008 година и една година потоа, а голманот на Веспрем, Арпад Штербик, имаше шанса да влезе во историјата како ракометар, кој со три различни клуба станал европски шампион (трипати со Сиудад Реал и еднаш со Вардар). Вардарецот Иван Чупиќ или Момир Илиќ (Веспрем) имаа можност да станат први што ќе победат во Келн трипати. Г.И


Барселона – Вардар 27-29

„Ланксес арена“ во Келн. Гледачи: 19.250. Судии: Зигмарс Сондорс и Ренарс Лицис од Летонија.
БАРСЕЛОНА: Перез де Варгас 14 одбрани, Мелер, Томас 2, Ентрериос 2, Сораиндо, Андерсон, Арињо 3, Абело 9, Шипшак 1, Дос Сантош 2, Доленец, Мем 3, Дуарте 2, Илиќ 1, Палмарсон 1, Фабрегас 1. Семерци: 2/3. Исклучувања: 10 минути. Директен црвен картон Дос Сантош. Тренер: Чави Паскал.
ВАРДАР: Милосављев 20 одбрани, Гедбане, Стоилов 1, Поповски, Кристопанс 10, Мораеш 4, Дисингер 2, Карачиќ 5, Скубе 1, Калараш, Чупиќ 3, Дибиров 2, Горбок, Шишкарев, Војводиќ, Кисељев. Седмерци 2/2. Исклучувања: 6 минути. Тренер Роберто Парондо.