Суперкупот – прво дерби помеѓу Металург и Вардар во новата сезона

118

Ќе се потрудиме да одиграме максимално коректен натпревар, без разлика на ривалството меѓу двата тима, вели тренерот на голманите на Металург, Петар Мисовски

На отвореното игралиште „Женска плажа“ во Струга, ракометарите на Металург и на Вардар, денеска во 21 часот, во рамките на 46-от меѓународен ракометен турнир „Струга – 2018“ ќе бидат дел од вториот Суперкуп на Македонија, кој минатата година го имаше своето премиерно издание. Македонскиот првак Вардар ќе ја има улогата на бранител на трофејот, кој лани го освои во дуелот против битолски Еурофарм Работник.

Црвено-црниот тим на новиот тренер Роберто Гарсија Парондо пред десетина дена ги заврши подготовките во Словенија, а минатата недела влезе и во натпреварувачки ритам со учеството на силниот ракометен турнир во Германија. Металурзите, пак, во Струга ќе дојдат директно од подготовките од Маврово и за нив ова ќе биде прв контролен меч во рамките на подготовките за новата натпреварувачка сезона.

– Натпреварот од Суперкупот не се совпадна со нашиот план за подготовки, но што е тука е. Во мечот ќе влеземе без сериозни резултатски амбиции, пред сѐ поради тоа што екипата е во подготвителна фаза и нозете сѐ уште им се тешки од напорните тренинзи. Ќе се потрудиме да одиграме максимално коректен натпревар, без разлика на ривалството меѓу двата тима – изјави тренерот на голманите на клубот од Автокоманда, Петар Мисовски.

За разлика од Металург, Вардар во Струга доаѓа амбициозно, со најава дека за нив тука почнува трката по резултати сезонава.

– Почнувајќи од денешниот дуел, за нас почнуваат натпреварите на кои ќе ни требаат резултати. Се подготвуваме и верувам дека ќе играме на нивото што го сакаме, бидејќи сѐ уште сме во фаза на подобрување на формата, за да бидеме подготвени за она што нѐ очекува од следниот месец – истакна тренерот на Вардар, Парондо.
Останува отворено прашањето, кое Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го наметна деновиве, а тоа е со кои состави ќе настапат и Вардар и Металург, односно за кој од странските ракометари ќе бидат платени лиценците за настап, заклучно со вчерашниот ден. Имено, годишната лиценца за секој странец, кој настапува во македонско првенство, изнесува 1.000 евра.