Стоилов: На победа против Мешков

146

Сме играле многупати со Мешков. Сега тие имаат нов тренер, а покажаа дека поседуваат и квалитет, ние, пак, треба да покажеме дека сме фаворити на овој меч. Имавме проблеми во тимот со повредени играчи, а сега и суспендиран ракометар. Но нема никакво оправдување и ние мора да одиме на нова победа, дециден е капитенот на црвено-црните, Стојанче Стоилов, во пресрет на утрешниот дуел (17.30 ч.) во Скопје, во рамките на 6-то коло во престижната Лига на шампионите (ЛШ).
Вардар и Мешков досега во ЛШ се сретнале само двапати (во сезоната 2016/2017), а резултатот е израмнет 1-1. Црвено-црните во Скопје славеа со 31-27, а на гости загубија со 26-30.

Но токму последниот меч на Вардар (со подмладен состав н.з.) во Регионалната лига (РЛ) резултира со убедлив пораз од Мешков на гостински терен (20-35).
Вардар в сабота ќе настапи без левиот ударен бек Вуко Борозан, кој еден меч е суспендиран поради директниот црвен картон, кој го доби на гостувањето кај полски Киелце.

По 5-то коло во ЛШ, Вардар, шпанска Барселона и Киелце имаат по осум бода (по четири победи и по еден пораз), додека Мешков е на шестата позиција со четири бода (две победи и три порази).