СП 2024 за јуниорки ќе се игра во Македонија

65
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИХФ ги одреди домаќините и на сениорските мундијали, па, така, во 2025 година машкото треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, женското во Германија и во Холандија, а две години подоцна за мажи во Германија, а за жени во Унгарија

По успешната организација на машкото кадетско Светско првенство (СП) минатата година, на вчерашниот конгрес во Каиро, Светската ракометна федерација (ИХФ) ѝ ја додели на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) организацијата и на СП за јуниорки (ракометарки до 20 години) во 2024 година.

Со ова продолжува традицијата РФМ да ја добива довербата на ИХФ и од ЕХФ и речиси секое лето да организира голем ракометен собир и на европско и на светско ниво. Македонската ракометна федерација имаше доставено кандидатури и за организација на СП за кадетки во 2024 година и за СП за кадети и за младинци во 2025 година.
На конгресот во Каиро беа доделени и домаќинствата на машките и женските мундијали во сениорска конкуренција за 2025 и 2027 година. Во 2025 машкото СП првпат ќе се игра во три држави, Хрватска, Данска и во Норвешка (СП 2019 беше прво со две, во Германија и во Данска), а домаќини на женскиот мундијал ќе бидат Германија и Холандија. Домаќин на машкото СП во 2027 година ќе биде Германија, а во женска конкуренција организацијата ја доби Унгарија.

Порано беше одредено СП 2021 за мажи да се игра во Египет, а СП 2023 во Полска и Шведска. Во женска конкуренција, пак, во 2021 година Мундијалот ќе се игра во Шпанија, а во 2023 година првпат во три земји, во Данска, Норвешка и во Шведска. 


ДОМАЌИНИ НА СП

Сениори
СП 2025 Хрватска, Данска и Норвешка (мажи)
СП 2025 Германија и Холандија (жени)
СП 2027 Германија (мажи)
СП 2027 Унгарија (жени)
Јуниори
СП 2022 Словенија (жени, под 20)
СП 2023 Германија (мажи, под 21)
СП 2024 Македонија (жени, под 20)
СП 2025 Полска (мажи, под 21)
Кадети
СП 2020 Хрватска (жени, под 18)
СП 2022 Грузија (жени, под 18)
СП 2023 Хрватска (мажи, под 19)
СП 2024 Словенија (мажи, под 19)


ЕП ИЛИ СП ВО МАКЕДОНИЈА

ТУРНИР КАТЕГОРИЈА
СП 2003 јуниорки
СП 2007 јуниори
СП 2008 јуниорки
ЕП 2008 сениорки
СП 2014 кадетки
ЕП 2015 кадетки
СП 2019 кадети
ЕП 2022 сениорки
СП 2024 јуниорки