Спорт-инфо

321

Осум тима се пласираа во следната фаза на ЛШ

На три кола до комплетирањето на групната фаза во ракометната Лига на шампионите (ЛШ), осум екипи обезбедија пласман во следната фаза од натпреварувањето. Првопласираните од двете групи, А и Б, ќе играат директно во четврт-финалето. Во осминафиналето ќе се пласираат екипите од второто до шестото место, како и двете најдобри од плејофот на групите Ц и Д.
Барселона, Сегед и ПСЖ се во трка за првата позиција во групата А, а во групата Б првата позиција е најдостижна за Кил и за Веспрем. Во следната фаза се пласираа и Монпелје, Киелце и Алборг. Со поразите во 11-то коло, Елверум (26-30 од Барселона), Загреб (25-26 од Фленсбург) и Мотор (33-36 од Мешков) ги сведоа шансите за пласман во осминафиналето на теорија, односно потребни им се победи во сите три преостанати дуели, а тие што се пред нив на табелата да не освојат ниту еден бод до крајот на групната фаза сезонава. Та.Д.

Сите се новаци во тимот на колото

Левиот бек на Мешков Александар Шкурински со 10 гола на мечот со Мотор е најдобар стрелец во идеалната постава на 11-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет. Првпат сезонава дел од идеалниот тим на колото се и голманот на Кил, Никлас Ландин (14 одбрани во дуелот со Вардар), левото крило на Монпелје, Хуго Дескат (девет гола против Киелце) и организаторот на играта на Алборг, Јанус Смарасон (шест гола на дуелот со Сегед). Првпат место во идеалниот тим имаше и за Матич Гросељ од Целје (четири гола во дуелот со ПСЖ), десното крило на Кил, Никлас Екберг (осум гола со Вардар) и за пикерот на ПСЖ, Камил Шипшак (осум погодока на мечот со Целје). Ефектот на најдобрата седморка на 11-то коло е 46 гола и 14 одбрани. Та.Д.