Спорт број еден е скијањето, а ракометот не котира високо

148

Белите спортови го водат приматот во Австрија според популарноста и според масовноста. Голем интерес има и за Формула 1 и за трката во Шпиелберг, потоа за фудбалот, па доаѓа тенисот, сега претставен со Доминик Тим, а потоа своето место го наоѓа ракометот на листата спортови во Австрија

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Скијачка Австрија е во ракометна еуфорија. Благодарение на победите на домашното Европско првенство (ЕП), ракометарите успеаја да се најдат на насловните страници во медиумите, нешто што е вистинска реткост кога станува збор за австрискиот ракомет.
– За разлика од Македонија, ракометот како спорт во Австрија не е толку популарен. Луѓето во Австрија во овој период од годината гледаат скијање и други зимски спортови, а интересот за фудбал е исто така голем – вели Горан Крстевски, единствениот „Австриец“ во составот на македонската репрезентација на ова ЕП, кој ги брани и боите на Линц.

Белите спортови го водат приматот во Австрија според популарноста и според масовноста. Само за споредба, скијачките скокови во Инсбрук, кои се дел од новогодишната турнеја „Четири скокалници“, преку малите екрани ги проследија повеќе од еден милион, а присутни на самото место беа повеќе од 20.000 гледачи.

Покрај скијањето, голем интерес има и за Формула 1 и за трката во Шпиелберг, која се одржува во јули, во рамките од првенството на Ф1. Патеката „Ред Бул“ е, исто така, исполнета и за мототрките во август. Со „Ред Бул“ се поврзува и фудбалскиот клуб од Салцбург, кој апсолутно доминира во австриската Бундес-лига, а имаше и успешни настапи во ЛШ. Но најголем број следбеници има виенски Рапид, кој е рекордер по бројот на освоени титули (32). Потоа доаѓа тенисот, кој е претставен со Доминик Тим, број пет на светската листа, кој триумфира на последниот АТП 500-турнир одржан во Виена, во „Градската сала“, а потоа своето место го наоѓа и ракометот на листата спортови во Австрија. Ракометот бележи мал подем, победите на мечевите во Виена ја донесоа публиката во салата. На дуелот со Чешка беа присутни 8.500 навивачи, што претставува рекорд.

– Публиката овде е одлична, таа ни дава дополнителна сила и позитивна енергија. Нема подобра реклама за овој спорт од ваквите манифестации – вели австриски селектор Алеш Пајович, кој од неодамна е на австриската клупа.

Покрај Горан Пандев (Македонија во квалификациски циклус за ЕП 2020 играше против Австрија), во салата, секако, познато е и името на Кирил Лазаров, но и на актуелниот европски првак Вардар.

– Да, го познавам Пандев, уште од времето на Интер, а ги гледав и мечевите против Австрија. Да, и Лазаров го познавам, па ние неколкупати се имаме сретнато во последните неколку години – ни рече Мартин Унгер, кого го затекнавме во спортската сала.

Мечевите на кои настапи Македонија беа едни од најпосетените во Виена. Тоа е дополнителна работа за момците што се грижат во салата сѐ да биде во најдобар ред. Македонските навивачи се доста бучни и не се навикнати на „западниот“ начин на навивање.

– Не ми пречи тоа, луѓето се фини и по мал разговор сѐ се завршува со насмевка. Ги разбирам, и јас самиот сум поранешен спортист и немам никаков проблем со тоа. Сепак, ова е спорт и нормално е да се покажуваат емоции – појаснува Александар, кој е контролор за влезници не само на спортски туку и за време на концерти, кои се одржуваат во спортската сала во Виена.


Талески шутна најсилно досега – 141 км/ч
Македонскиот лев бек Филип Талески го има најсилниот шут во изминатите четири натпреварувачки дена на ЕП. Чип-технологијата за следење на индивидуалните перформанси на играчите на ЕП покажа 141 км/час при еден од шутовите на македонскиот бек.
Швајцарскиот централен бек Енди Шмид, пак, има најмногу додавања на ЕП. Тој со своите соиграчи ја проиграл топката вкупно 483 пати или 242 пати за еден натпревар. Португалското лево крило Фабио Антунес и босанските крила Ибрахим Халељиќ и Ален Овчина истрчаа контри во досегашните натпревари со брзина од 31 км/час. Ta.Д.

Австрија и Шпанија со најдобар напад, Словенија и Шведска со најдобра одбрана
По двете одиграни кола од групната фаза на ЕП, селекциите на Австрија и на Шпанија го имаат најдобриот напад со постигнати 33 гола во просек по меч. Репрезентациите, пак, на Словенија и Шведска ги имаат најдобрите одбрани со 21 примен гол во просек по натпревар. Ta.Д.

Франција најголемото разочарување на ЕП
Франција е најголемото разочарување на ЕП. По поразот од Португалија во воведниот меч (25-28), избраниците на Дидие Динард го загубија и дуелот со Норвешка (26-28). Триколорите првпат по 1978 година не се меѓу 12-те најдобри, сметајќи ги и светските и европските првенства. Ова ќе биде најслабиот пласман на Франција во последните 42 години. Претходно најслабиот пласман го забележаа на ЕП во Србија 2012, кога беа 11-ти. Покрај Франција, два пораза од два одиграни меча имаат и Србија, Украина, Литванија, БиХ и Полска. Ta.Д.