Совладана Нигерија, Костески водечки стрелец

215
Голманот Марко Кизиќ имаше 13 успешни интервенции против Нигерија - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во дуелот со Нигерија, Костески постигна 13 гола и со вкупно 19 реализации (шест од мечот со Аргентина) е прв на листата на стрелците на ова СП

Македонската машка кадетска ракометна репрезентација потешко од очекуваното ја забележа првата победа на Светското првенство (СП) за ракометари до 19 години што се игра во Скопје. Избраниците на селекторот Данило Брестовац до првите бодови стигнаа по триумфот со 37-34 (18-16) над Нигерија, која солидно им парираше на македонските ракометни надежи.

– Ова не е вистинската слика и можност на нашата репрезентација. Најголем проблем e тоа што не играат опуштено туку во грч, со само 20 отсто од нивните можностите, а освен Костески, никој друг не е на посакуваното ниво. Правиме анализи, им укажувам на сите каде им се грешките, но… Најмногу ми пречи што не сме агресивни, не сме свои во играта – дециден е селекторот на Македонија, Брестовац, по победата над Нигерија.
Десното крило Ненад Костески и голманот Марко Кизиќ се најдобрите поединци во македонскиот состав по двете одиграни кола. Во дуелот со Нигерија, Костески постигна 13 гола и со вкупно 19 реализации (шест од мечот со Аргентина) е водечки на листата на стрелците на ова СП. Голманот Кизиќ, пак, имаше 13 успешни интервенции против Нигерија.

Во група Ц само Данска има максимален ефект од четири бода по победите над Јапонија (30-23) и Аргентина (29-19), а по два бода имаат, Бахреин, Јапонија, Аргентина и Македонија, додека само Нигерија е без бодови.
Во синоќешното 3-то коло, ривал на Македонија беше Бахреин, денес е слободен ден за македонските кадети, а нивни противник во утрешното 4-то коло ќе биде фаворизираната Данска.

Според статистиките, по комплетното 2. коло Унгарија ги има најдобриот напад и одбрана со просек од 39,5 постигнати и 16,5 примени гола. Хрватска го има најефикасниот напад со 78,1 отсто реализација (75 од 96 шута). Шведска има најмногу постигнати голови од крилните позиции 19 од 23 обиди, Бахреин има постигнато најмногу голови од седум метри, вкупно 14 од 15 обиди, а Португалија ја има најефикасната бековска линија со 24 успешни реализации од девет метри. Кадетите на Франција, пак, истрчале и реализирале најмногу контри (18/21).


Кадетките не се пласираа во полуфиналето

Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија (до 17 год.), не успеа да се пласира во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот, кој се игра во Италија, откако убедливо загуби од Полска со 20-34. Ако ја победеа Полска, тогаш ќе играа во полуфиналето со Исланд. По овој пораз, Македонките го освоија третото место во групата Б со 4 бода и ќе се борат за пласман од петтото до осмото место, а прв ривал им е Турција, во меч што се игра денеска (15 ч.). Во оваа група прва е Италија, а втора Полска и двете со по 6 бода, додека во групата А во полуфиналето се пласираа Исланд и Чешка со 8, односно 6 бода. Г.И.