Следуваат два решавачки меча за пласман во вториот круг

172
Ка­пи­те­нот Ки­рил Ла­за­ров со пет го­ла бе­ше нај­е­фи­ка­сен во ма­ке­дон­ски­от тим на мечот со Шведска

Македонија во првото коло загуби од Шведска, вечерва се среќава со Египет, а в понеделник е дуелот со Чиле. Во втората групна фаза ќе играат првопласираните три селекции од секоја од осумте групи

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација првпат во своите шест учества со пораз го почна настапот на едно светско првенство (СП), на Мундијалот што се игра во Египет. Подмладениот состав на селекторот Данило Брестовац беше надигран од селекцијата на Шведска (32-20), во чии редови недостигаа девет стандардни репрезентативци.
– Швеѓаните покажаа како се игра и во напад и во одбрана. Ни недостигаа борбеност, жар и дисциплина и во одбраната и во нападот. Без разлика дали ќе загубиме со еден или со 12 разлика, пораз е пораз и мора да направиме анализа и да ги подобриме сегментите во кои сме грешеле – вели голманот Никола Митревски.
Капитенот Кирил Лазаров со пет гола беше најефикасен во македонскиот тим, а во шведскиот состав Хампус Ване беше стрелец на 11 гола. Репрезентацијата на домаќинот Египет, предводена од селекторот Роберто Гарсија Парондо од Шпанија, ќе ѝ биде денешен противник на Македонија (18 ч., пренос на МТВ) во второто коло од групата Г. В понеделник Македонија игра со Чиле (15.30 часот).
Во втората групна фаза ќе играат првопласираните три селекции од секоја од осумте групи, а репрезентациите од групата Г ќе ја формираат групата 4 со селекциите од групата Х, во која се Словенија, Белорусија, Русија и Јужна Кореја. Втората групна фаза почнува на 20 јануари.

Македонија и Египет досега само еднаш играле меѓу себе на официјалните натпреварувања, и тоа на СП 1999, меч што го доби Египет (30-24). Најдобриот пласман на Египет на светските првенства е седмото место во 1999 година.
Во првото коло на СП 2021, Египет со доминантна и сигурна игра славеше на дуелот со селекцијата на Чиле, со 35-29. Шестмина ракометари од составот на Египет го завршија мечот со стоотстотен ефект на реализација, а вкупно 12 ракометари се запишаа на листата на стрелците.


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Белорусија – Ј. Кореја 15.30 ч.
Египет – Македонија 18 ч.
Русија – Словенија 18 ч.
Австрија – Франција 18 ч.
Мароко – Португалија 18 ч.
Швајцарија – Норвешка 20.30 ч.
Чиле – Шведска 20.30 ч.
Алжир – Исланд 20.30 ч.