Симовски: Верувам дека можеме да се надигруваме со Словенија

100

Селекцијата на Словенија стои на патот на македонската женска ракометна репрезентација во бараж-дуелите во јуни за пласман на Светското првенство (СП) во 2019 година во Јапонија. Од македонската репрезентацијата се задоволни што во баражот се избегнати Норвешка, Шведска, Унгарија, но, сепак, со почит гледаат и на селекцијата на Словенија.

– Среќни сме што не ги добивме Норвешка, Шведска или Унгарија во баражот, но ниту Словенија не е за потценување. Десет години во континуитет учествуваат на големи натпреварувања. Имаме пет месеци за подготовка и за развивање стратегија со која ќе стигнеме до целта. Словенија ни е добро позната, бидејќи во изминативе три-четири години повеќепати имавме меѓусебни дуели. Иако Словенките важат како фаворит на хартија, верувам дека можеме да се надигруваме со нив – изјави селекторот Симе Симовски.

Македонија и Словенија играа во мечот за бронза на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија, кој Словенките го добија со 30-29 (18-16), а претходно оваа генерација ракометарки играше со Словенија во квалификациите за пласман на ЕП 2016. Првиот дуел во Словенија заврши со убедлива победа на домаќинките, 35-17, а во реваншот во Скопје Македонија загуби со 21-22. Македонија и Словенија имаат меѓусебна историја од 1996 година, во квалификацискиот двомеч за пласман на ЕП Македонија славеше со 31-24, а во реваншот Словенија забележа победа со 27-23.

Потоа играа и во баражите за СП 1999 и за СП 2001 во кои домашниот терен на Македонија ѝ донесе победа со 21-17 и реми 28-28, а во реваншите славеа Словенките со 26-23 и 29-22.